сабота, 27 јули 2024
Од интервју на секретарот за меѓународна соработка во ВМРО-ДПМНЕ

Aндоновски: Сакаме поддршка од пратеници и од други партии за да можеме битни прашања да ги решиме со 80 гласови

Министерството за политички систем ќе се реконструира и ќе биде само за односи меѓу заедниците, најави секретарот за меѓународна соработка во ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски. Во врска со преговорите за формирање влада, тој вели дека е битно да се  постигне поширок консензус поединечно и со пратеници од други партии застапени во парламентот за да се стигне до 80 пратеници за битни промени на законите кои се системски и бараат двотретинско мнозинство.

Објавено на

часот

Сподели

„Мене како правник ми пречи тоа што ова Министерство се нарекува „за политички систем“ кога знаеме дека тоа што сите го работиме е политички систем. И Собранието е политички систем, Владата, дури и судовите се политички систем. Тоа е таа поделба на власта кај нас која постои и е на три дела. Беше чудно што еден министер е задолжен за цел политички систем во државата односно за еден ресор. Така што, мислам дека ова ќе се трансформира само во Министерство за односи меѓу заедниците, изјави Андоновски во интервју за Радио слободна Европа.

Според него, треба да има човек во Влада кој ќе се грижи за политички систем, но тоа да има една поширока димензија, а не, како што вели, ресорски со сектори. Мислам, нагласува Андоновски, дека оперативно ќе почне да работи ова Министерство во смисла за правата на сите заедници.

На прашањето дали ова место ќе биде резервирано за коалицискиот партнер со оглед на досегашната пракса, тој нагласува дека се уште нема договор по тоа прашање.

„Се уште не сме се договориле во која насока ќе се движи, но би било соодветно заедниците да имаат претставник во министерството. Нешто слично на поранешниот вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор што прерасна во односи со заедниците. Сметаме дека треба да се дефинираат надлежностите на ова министерство за вистински да се однесува на одбрана на правата на заедниците“, нагласува Андоновски.

Тој во интервјуто говори и за разговорите за формирање влада, но и за постигнување двотретинско мнозинство во Собранието.

„Веќе е навлезено во дискусија за програмските и кадровските решенија, не споделуваме детали за да останеме чесни кон нашите партнери од коалицијата а и тие се чесни кон процесот. Не можам да кажам кои ресори, кадри, министерства иако секој би можел да има свој сопствен став на оваа тема. Да оставиме простор навистина да се направи договор кој ќе е квалитетен“, нагласува Андоновски.

Прашан дали партијата ЗНАМ ќе биде дел од идната влада тој вели дека со преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди ќе се види какви ќе бидат констелациите.

„Она што ние се обидуваме да го правиме е да постигнеме поширок консензус за некои национални прашања и да стигнеме до тие потребни 80 пратеници за битни промени на законите кои се системски и бараат двотретинско мнозинство што значи дека дискусии ќе има и со други политички партии или пак поедини пратеници во Собранието кои би биле заинтересирани за поединечни законски проекти“, нагласува Андоновски.

Во овој случај, додава тој во интервјуто, се работи за дискусија за законски проекти кои се национално ниво и од национално значење.

„Мислам дека е чесен пристапот да не барате пратеници кои се ќе ве поддржуваат, туку да барате пратеници кои ќе сакаат да се вградат во процесот и да дадат свои критики и забелешки и ако тие критики се легитимни и се прифатат тогаш ние би гласале и би го поддржале тој проект“, вели секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додава дека владата што ќе биде формирана ќе се бори искрено против кримиалот и корупцијата без разлика од кои редови тие доаѓаат.

-Немаме дилема дека ако некој направил криминал дали е ДУИ или „Влен“ или било кој внатре од партнерите или пак во ВМРО-ДПМНЕ, треба да одговара за истото. Но, мислам дека кај ДУИ корупцијата и криминалот беа системски. Не се однесуваа на еден човек конкретно, туку на цели системи внатре во политичката партија. Јас користев еден груб термин како паразит го разјадува здравото ткиво на институциите и од внатре ги уништуваа. Имате институции каде ДУИ била подолго време и не можете да ги оправите, тоа се институции пред крах. Во една ваква ситуација, ние мораме да се справиме со предолгото владеење на ДУИ и тоа извитоперување на владеењето за тоа што тоа повеќе не е нормална власт“, вели Андоновски и додава дека мисли оти во „Влен“ луѓето се чесни, имаат чесни намери за борба против корупција и криминал и оти тоа ќе се покаже уште при првите денови од преземањето на власта.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ