„За жал, ние сме држава без Закон за сајбер безбедност додека сите држави и од регионот и од Европа донесоа такви закони пред 13 години. Ние го правиме напорот да се донесе законот сега, најверојатно до јуни месец. Тој закон ќе биде нашиот патоказ каде треба да се движиме во сајбер заштитата. Сега заштитата која ја нудиме во сајбер просторот е ад-хок. Ако некоја институција сама реши да се заштити, таа тоа го прави. Но, се уште немаме обврска сите институции тоа да го прават и затоа е ваквата невоедначеност која ни се случува да определени институции се многу често мета на сајбер напади”, изјави Андоновски
На прашањето дека државата досега потрошила милиони евра за заштита, но каков е епилогот од тоа, Андоновски одговори дека голем број институции работеле со истечени лиценци, но и дека во законот за сајбер безбедност немало предвидени прекршочни одредби.
„Точно, интересен податок е дека над 20 институции имаат купувано руски антивируси. Десетици институции ненавремено ја зголемиле или надградиле својата заштита, па работеле со истечени лиценци. Голем број на институции сместуваат податоци на граѓаните на сервери кои подоцна не се грижат дали се доволно заштитени или каде им се сместени”, одговори министерот и додаде дека во новиот закон Министерството за дигитална трансформација ќе го контролира процесот.
„Ова се прашања кои сите институции ад хок ги решавале. За разлика од сите други закони, во законите кои се однесуваат на сајбер безбедноста, ние немавме прекршочни одредби и инспекциски надзор дали тие одредби од законите се почитуваат. Во измените кои сега ги донесовме и новиот Закон за сајбер безбедност, Министерството за дигитална трансформација тоа ќе го контролира и потенцијално ќе казнува онаму каде гледаме дека институциите не постапуваат”, рече Андоновски.
Во однос на измените во Законот за медиуми Анфоновски вели дека се подготвени две измени.
„Првата која што е во моментот во владина процедура е регистрирањето и признавањето на онлајн медиумите. Бевме единствена држава во поширокиот регион која што не препознава онлајн медиуми во својот закон за медиуми, што значи дека не им дозволува на онлајн медиумите и во странство и дома да се препознаат како медиум. Ова ни е примарна задача да го решиме овој правен вакуум кој што ни се појавуваше и таа измена ќе биде многу скоро во Собранието и се надевам на голема поддршка.
Имавме дебата што јавна, што директна со здруженијата на онлајн медиумите, здруженијата на новинарите и останатите еснафски здруженија за оваа измена, помала измена на законот помине сега и веднаш, а потоа продолжуваме со работа на прилагодување на Европскиот закон за слобода на медиумите, кој што ќе треба да го прилагодиме за нашите услови. Оваа измена треба да биде донесена во текот на месец март, евентуално месец април“.
Тој додаде дека негова препорака ќе биде во Изборниот законик исто така да се земат предвид измените во Законот за медиуми и регистарот што ќе го води Агенцијата за аудио и аудиовизуални медиумски услуги. „Условот е еден медиум, дигитален, да има најмалку тројца вработени за да може да се регистрира во тој регистар и секако да има македонски домен и импресум, во кој што точно се наведени кои се одговорните лица кои што се во медиумот. И мислам дека тоа е еден низок праг кој што може да се достигне од најголемиот дел од медиумите, од онлајн медиумите во државата и без проблем тие ќе се регистрираат во Агенцијата“, рече Андоновски.