четврток, 19 септември 2024
Прес-конференција на директорката на ИЈЗ

Андоновска по првиот смртен случај: Имаме тестови за западно-нилска треска

По првиот смртен случај од западно-нилска треска во Македонија, денеска директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска изјави дека земјава има тестови за детектирање на вирусното заболување и информрира дека во 20 отсто од случаите на заразени лица се појавуваат симптоми. Починатиот пациент е од Облешево и според сознанијата тој не патувал никаде, рече директорката наведувајќи дека од четирите лабораториски потврдени случаи во земјава, ова е втор случај на зараза која не е донесена од странство.

Објавено на

часот

Сподели

„Од почетокот на годината до сега се направени вкупно 30 тестирања за западно нилска треска, од кои што четири се потврдени случаи како позитивни, при што четвртиот случај завршил со смртен исход“, информира директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, која одржа прес-конференција за да информира за овој случај, за кој веќе МКД.мк објаи информација, како и за да ја информира јавноста за самата болест.

„Првиот случај е тестиран во април, човекот е од Струмица, заразата е импортирана од Кенија. Вториот случај е човек од Кочани, заразата е импортирана од Тунис, во јули тестиран во ИЈЗ. Третиот случај е тестиран во август, човекот е од Тетово, и при епидемиолошката анкета не изјавува дека имал некакво патување. Четвртиот и последен случај е тестиран во ИЈЗ на 12 септември месец. Човекот е од Чешиново Облешево, бил хоспитализиран на Инфективната клиника и за жал почина. При епидемиолошката анкета, истиот дал податок дека не патувал никаде“, рече Андоновска.

На прашањето какви симптоми имал, имајќи предвид дека завршил со смртен исход, Андоновска кажа дека од нивната епидемиолошка анкета се забележува дека човекот изјавувал дека имал вознемиреност, губиток на свест, температура и малаксаност.

„Можам да кажам дека западно-нилската треска во 80 отсто од случаите не дава симптоми, 20 отсто се со благи симптоми на грип, а помалку од еден процент може да биде зафатен централниот нервен систем, каде што може да даде енцифалит или менингит, тоа се обично симптомите. Од она што е во нашиот домен на работа, можам да кажам ние поседуваме тестови за детектирање, испитување, утврдување на западно-нилска треска во моментов“, рече Андоновска.

ИЈЗ во својот извештај наведува дека се работи за 78-годишен маж, и првите симптоми му се појавиле на 9-ти овој месец, при што имал намален апетит, малаксаност и покачена температура до 39°C. Поради појава на вознемиреност, агресивност, афазија и губиток на свест, пациентот на 10-ти септември од Кочани е пратен во Клиничката болница Штип каде биле спроведени дијагностички невролошки процедури. Поради тешката состојба на пациентот и дијагностициран енцефалитис, во текот на истиот ден е упатен на Инфективната клиника во Скопје. Земени се примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители“, се вели во Извештајот.

Со серолошко испитување е добиен податок за присуство на антитела кон причинителот – WNV од вирусолошката лабораторија при ИЈЗ во серум и ликвор, односно потврдено е заболувањето западно-нилска треска.

Како што се наведува во Извештајот, пациентот бил пензионер и се занимавал со земјоделство, кој живеел во селото Облешево, Кочани. Според хетероанамнезата пациентот не патувал надвор од државата, како и надвор од местото на живеење, во периодот на инкубација. Нема други лица од семејството со слични симптоми, стои во Извештајот на ИЈЗ.

„Во регионот на Кочани е забележано присуство на комарци. Согласно информацијата од надлежниот епидемиолог, во регионот на општина Кочани се спроведени активности за ларвицидна и адултицидна терестичка дезинсекција, додека во општина Чешиново-Облешево планирана е тендерска постапка, но досега не се спроведени активности за дезинсекција“, се додава во Извештајот.

Оваа болест во земјава се регистрира со спорадични случаи, најчесто кај тестирани пациенти со невроинвазивна форма на болеста.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ