сабота, 27 јули 2024

Андонов: Комуникацијата за животната средина може да помогне во решавање конфликтни ситуации

Комуникацијата за животната средина која овозможува разбирање на сложените еколошки прашања и ја зајакнува улогата на поединците и на организациите во управувањето со животната средина беше во фокусот на конференцијата „Како да комуницираме за животната средина во растечката еколошка криза: практични искуства и нови перспективи“ во организација на Институтот за комуникациски студии (ИКС).

Објавено на

часот

Сподели

Дејан Андонов од ИКС, истакна дека конференцијата се организира со цел да се одговори на прашањето дали во растечка еколошка криза има доволно разбирање меѓу граѓаните, невладините организации, јавните институции, медиумите, компаниите и академскиот сектор за улогата што сите тие ја имаат во врска со еколошките предизвици.

„Во оваа насока нужна ни е комуникацијата за животната средина која овозможува разбирање на сложените еколошки прашања и која ја зајакнува улогата на поединците и на организациите во управувањето со животната средина. Комуникацијата за животната средина опфаќа многу нешта. Известување од поплави или отпад во реките, потоа граѓански ангажман и активизам против нова електрана или рударење, вклучување на јавноста во носењето на одлуките за животната средина и спроведувањето на законите, политичката реторика, комуникацијата за научните сознанија“, образложи Андонов.

Како што дополни, комуникацијата за животната средина може да помогне во формирањето на политиките, носењето на законите, во подигнувањето на свеста и промената на однесувањето кај луѓето, во решавањето на конфликтни ситуации.

„Корисна е за граѓаните и граѓанските организации кои бараат решенија од јавните службеници за локални еколошки проблеми. Корисна е за НВО кои ја подигаат свеста за одржливи еколошки решенија. Корисна е за едукаторите и истражувачите кои ги пренесуваат своите науки. Корисна е за јавните службеници и политичарите кои треба да ги направат достапни информациите и да поттикнат поширока поддршка во креирањето на политиките и креирањето на законодавност, корисна е за бизнисите кои ја презентираат нивната корпоративна одговорност и одржливост и за новинарите кои споделуваат информации и влијаат на ставовите и одлуките на јавноста за еколошките прашања“, дополни Андонов.

Според него, заштитата на природните ресурси во голема мера зависи од нивното ниво на свесност за еколошките прашања и само со зголемена достапност и пристап до информации за животната средина граѓаните можат да станат важни чинители против нејзината деградација.

Стив Депо, претседател на Меѓународната асоцијација за комуникација на животната средина, во  онлајн обраќање, рече дека комуникацијата за животната средина има две одредници – едната одредница е криза, а другата е грижа.

„Комуникацијата за животната средина се појавува како академска дисциплина за областа на кризи. Соодветно е да размислуваме за комуникацијата за животна средина како еден вид реакција на кризна состојба. Тоа е само една од одредниците. Втората одредница е грижата. Последниве години сѐ повеќе застапници размислуваат за комуникацијата за животна средина не само како реакција на криза, туку и како грижа за животната средина и луѓето што се погодени од овие прашања и проблеми“, рече тој.

Дополни дека оваа одредница всушност значи дека комуникаторите имаат етичка должност да ги слушаат оние гласови што немаат доволно моќ.

„Не треба да реагираме само на кризата што ја гледаме во овој момент, туку треба да промовираме раст, негување, отпорност. Комуникацијата за животната средина треба да им дозволи на луѓето да сонуваат за една иднина која што ќе ги вклучи сите“, дополни Депо.

Важно е активистите, јавните службеници, научниците, новинарите и професионалните комуникатори да умеат правилно да ги адресираат, истражуваат, објаснуваат и шират информациите за еколошките проблеми до широката публика. Во оваа насока, Диме Меловски од Македонското еколошко друштво го пренесе искуството со афирмирањето на заштитата на Балканскиот рис во јавноста, но и како природните симболи можат да се користат за национално брендирање.

„Од пред 18 години започната е најдологорочната програма за закрепнување на балканскиот рис. Податоците кои ги добивме со заловување на рисовите ни помагаат во изработка на акционите и конзерваторските планови за заштита на рисот, а следната етапа ќе биде насочена кон засилување на генетиката на рисот“, изјави Меловски.

Тој кажа дека  моментално има меѓу 35-40 возрасни единки на балканскиот рис  но за нивна заштита потребно е да се направи многу повеќе.

Природните ресурси треба да се третираат така што светот ќе може да ги задоволи потребите на сегашнос­та без да се загрозат идните генерации да ги задоволат нивните потреби. Затоа и младите луѓе треба да се инспирираат да бараат решенија и нови приоди кон прашањата поврзани со животната средина.

„Ни требаат идни генерации кои ја разбираат оваа проблематика и што ќе имаат развиена свест. Ние се обидуваме на разбирлив начин да им ги претставиме еколошките проблеми за да избегнеме кај нив да се јави еко анксиозност-кога не знаат како треба да постапат во врска со овие горливи проблеми. Предизвиците со животната средина бараат заеднички настап и на граѓаните и на институциите и ние се обидуваме тоа  да им го објасниме за да знаат младите каде и како можат да реагираат“, кажа Мила Јовановска од „Гоу грин“.

На конференцијата се зборуваше и дека треба да се промовираат решенија засновани на природата за да се изградат климатски отпорни заедници, компаниите да се позиционираат подобро со еколошка одговорност и одржливост, а медиумите и влијателните лица на социјалните мрежи да помогнат во разбирањето и решавањето на еколошките проблеми.

Конференцијата е во рамки на проектот „Популаризирање на комуникацијата за животната средина преку онлајн учење и виртуелна мобилност“, што ИКС го спроведува во партнерство со универзитетите во Загреб, Нови Сад, Сараево и Тирана, а е финансиран од програмата ЕРАЗМУС+.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ