сабота, 27 јули 2024

За само три месеци внатрешниот долг зголемен за 82 милиони евра

Општинските јавни претпријатија, државните фирми и ЈП, здравството, за три месеци ги зголемиле доспеаните, а неплатени обврски. На крајот на март внатрешниот долг се приближи до половина милијарда евра, пишува Порталб.мк. И натаму највисоките должнички суми се по основ на градежни работи, комуналии, материјали и ситен инвентар.

Објавено на

часот

Сподели

Долгот на државните ЈП и фирми е зголемен за повеќе од двојно

Вкупниот внатрешен долг на крајот на првиот квартал од годинава достигна дури 490.740.000 евра што е за 82 милиони евра повеќе во однос на состојбата на крајот од декември. Новите податоци од Министерството за финансии покажуваат дека за само три месеци доспеаните, а неплатени обврски ги зголемиле јавните претпријатија и државните фирми, општинските јавни претпријатија, јавните здравствени установи, министерствата, агенциите.

Конкретно доспеаните, а неплатени обврски на ЈП на централно ниво и државните АД и фирми на крајот од март достигнале износ од 235,4 милиони евра што е за дури 69 милиони евра повеќе во однос на состојбата на крајот од 2023 година. Општинските ЈП во првиот квартал од годинава пријавиле доспеан долг во износ од 76,7 милион евра или 700 илјади евра повеќе во однос на последниот квартал од лани.

                                            Доспеани, а неплатени обврски

                                                               Mарт 2024                   Декември 2023

Државни ЈП и државни фирми            235.410.000 евра         167.500.000 евра

Општински ЈП                                      76.752.000 евра            76.073.500 евра

Јавни здравствени установи                 73.075.000 евра            61.300.000 евра

Буџетски корисници -прва линија         12.614.300 евра            12.353.000 евра

Извор: МФ

Јавните здравствени установи, болници, клиники, во првите три месеци од оваа година имале вкупен доспеан, а неплатен долг во износ од 73 милиони евра што е за 11,7 милиони евра повеќе во однос на состојбата со долгот на крајот од 2023 година. Буџетските корисници од прва линија во кои спаѓаат и министерствата, на крајот од март пријавиле доспеани, а неплатени обврски во износ од 12,6 милиони евра што е за 261.000 евра повеќе во однос на состојбата во последниот квартал од 2023.

Милионски долгови за комуналии, договорни услуги, трансфери…

Споредбената анализа на Порталб покажува дека има драматичен раст на доспеаните, а неплатени обврски по основ на „други градежни работи“ односно во март долгот достигнал скоро 55,3 милиони евра, што е за 26,2 милиони евра зголемување за само три месеци.

                                       Досепани, а неплатени обврски (март 2024)

Други градежни работи                      55.271.000 евра

Комунални услуги                              119.500.000 евра

Материјали и ситен инвентар                65.808.000 евра

Договорни услуги                                 49.300.000 евра

Трансфери до невладини орган.                 458.000 евра

Субвенции за ЈП                                          62.000 евра

Извор: МФ

На крајот од третиот квартал во однос на состојбата на крајот на декември лани доспеаните, а неплатени обврски се зголемени по повеќе основи: за комунални услуги, греење, транспорт обврските достигнаа 119,5 милиони евра, за материјали и ситен инвентар 65,8 милиони евра, за договорни услуги долговите достигнаа 49,3 милиони евра, а значајно се зголемени и долговите по основ на „субвенции за јавните претпријатија“ кои на крајот од март достигнаа износ од 62.000 евра додека износот што се должи по основ на „трансфери до невладини организации“ се приближи до 500.000 евра. На новата должничка листа во „првите десет“ влегоа и ЈП за државни патишта со пријавени доспеани, а неплатени обврски во износ од 20,2 милиони евра,  ЕСМ снабдување со долг од 11,8 милиони евра и АД ЕЛЕМ со должнички износ од 15,5 милиони евра.

Новите податоци за внатрешниот долг покажуваат дека сите општини заедно го намалиле долгот, но пединечно, дел од општините само за три месеци пријавиле значјно зголемени неплатени обврски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ