сабота, 27 јули 2024

Ампева: 69 текстилни работнички од Кавадарци се олицетворението на 8 Март

Шеесет и деветте текстилни работнички од конфекцијата Сони во Кавадарци се олицетворение на овој 8 март, порача на денешната прес-конференција Кристина Ампева од здружението за заштита на работничките права Гласен Текстилец откако Апелациониот суд Скопје го врати предметот во Основниот суд Кавадрци на повторно одлучување. Со првостепената пресуда 69 работнички беа задолжени поради изгубен судски спор за неисплатени плати да платат 20.000 евра за судски трошоци.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

„На 69 работнички не им биле исплатени три месечни нето плати како и прекувремена работа и други дотатоци кои следуваат по Законот за работни односи како и Општиот колективниот договор за приватниот сектор. Ние како здружение за заштита на работнички права Гласен Текстилец сме особено среќни и горди што првостепената пресуда која беше донесена од страна на Основниот суд во Кавадарци, истата беше укината од страна на Апелациониот суд во Скопје и вратена на повторно судење пред првостепениот суд во Кавадарци“, изјави Ампева.

Таа истакна дека во април е закажано првото рочиште во Судот во Кавадарци на кое ќе бидат присутни, за да го мониторираат текот на постапката.

„Сакаме да им честитаме на работничките од поранешната Сони Кавадарци и на нивната адвокатка Даница Милкова, кои и покрај сите притисоци од разни центри на моќ, покрај неправдата која им беше нанесена, тие успеаја да ја докажат правдата. Од пресудата на скопска Апелација, се дадени јасни напатствија, и потенцирана е контрадикторноста, неразбирливоста, нејасноста во ценењето на одредбите на членови и закони и како судот ценел за да доне таква пресуда како првостепен суд“, вели Ампева.

Лани во март откако Основниот суд во Кавадарци  пресуди против работничките и им наложи да платат 20.000 евра судски трошоци за загубениот спор , беа организирани неколку протести.

По повод Меѓународниот празник на жената, Ампева на денешната прес-конференција истакна дека и по повеќе од еден век откако Клара Цеткин и Роза Луксембург повикаа за родова еднаквост, направен е значителен напредок, но сепак, какошто вели таа, далеку сме од првичната идеја за рамноправност помеѓу мажот и жената.

„Сѐ уште имаме откази на бремени жени, има работничките во приватниот сектор на кои сѐ уште не им се исплпаќа редовно платата, придонеси, немаат здравствено осигурување поради некој што упопрно сака да биде газда, а не знае како да работи тоа значи дека ние сѐ уште се соочуваме со непочитуваање и на работничките, но и на основните човекови права“, рече Ампева.

Таа истакна дека со работа и притисок на невладиниот сектор се подобруваат работите во делот на правата на работничките и работниците, иако тешко ќе се постигне да има совршени работнички права.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ