сабота, 27 јули 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Амнестија? Да, за „обичните“ смртници

Некако нормално ни стана да критикуваме сè, заборавајќи дека и во белото има црни нијанси и во црното не е сè црно. Многу се поделивме по сите основи, не прифаќаме дека некоја состојба во општетсвото  која е многу лоша, мора да се реши, и нема потреба од политизирање. Состојбата во затворите е ужасна и еднаш мора да се почне со средување. Извештаите на меѓународните организации за нехуманоста на државата кон своите затвореници се реални. Кога да се почне со средување, со вистинско средување и што треба да се направи?

Вредноста на едно општетсво меѓу другото се цени со односот на тоа општетство кон своите затвореници. Кога државата го презела еден затвореник, таа мора да се грижи за него. Пред сè, тој затвореник мора да биде безбеден, да не му биде загрозено здравјето и животот и да се направи обид за ресоцијализација. Во спротивно, дефакто треба да признаеме дека имаме смртна казна, која може да биде спроведена на различчни начини. На пример, предизвикување смрт со долгогодишен престој во мувла или смрт поради нехигиена или авитаминоза.

Овој закон за амнестија ако беше добро осмислен ќе беше момент на обединување, а не јаболко на раздорот. И власта, но и опозицијата пропушта шанса еднаш засекогаш да се реши најголемиот срам во македонската судска историја, а тоа е случајот со неправедно и драконски казнетите од настаните од 27 април. Власта ќе подадеше рака, и ќе покажеше дека навистина има воља за простување (како што вели во воведот на законот) ако најдеше начин целосно да ги ослободи осудените од 27 април (кои ако нешто и згрешиле тоа е учество во толпа, а казните за такво дело одамна ги имаат одлежано).

Состојбата во затворите е алармантна и тоа не од сега. Си мислам дека влошувањето е од осамостујувањето во 1990 година до денес. Секој владетел се трудеше да биде пожесток од предходниот, секој смислуваше итрини и системи за ставање на судскиот ситем под негова контрола… Најпрво, во почетокот се зголеми притворот (од еден месец на 2 месеци), со образложение дека криминалците бегаат. Постепено, со главниот упад во 2014 година се дојде до реална можност за доживотен притвор. Истата 2014 година се промени кривичниот закон и сите казни се зголемија за 2 до 3 пати, многу поразлично од правниот систем на кој бевме навикнати во социјализмот и поразлично од поголемиот дел на демократски држави. Добивме систем во кој обвинетиот може доживотно да остане во притвор, казните станаа драконски. Во исто време се зголемуваше бројот на вработени инспектори и полицајци кои имаа „норми“ и морале да испорачаат кривични пријави и таму каде што може/можеше и со други видови на казни или превентивни мерки да се реши некој проблем. Секојдневно во изминатиов период лидерите се закануваат дека ќе апсат, занемарувајќи го фактот дека партијата на власт не е таа што апси, дека судскиот систем е независен!

Затворите во демократси држави и во Западна Европа се најсигурното место. Најдобрите доктори се грижат за здравјето на затворениците, добиваат разновидна храна (месо, овошје, зеленчук…), сместувањето е „хотелско“, затворениците еднаш неделно добиваат чисти униформи и постелнина, средства за хигиена во изобилие…

Како е кај нас: во притворите собите се мали (10-12 квадрати за 3 и повеќе затвореници, се дава храна која не ја јадат кучиња, нема овошје и зеленчук, витамини никогаш, престој на воздух еден сат во денот, бањање еднаш неделно, наместо тоалет – дупка, најсреќните се во соби со тројца и со тоалет со проточна вода (останатите со кофа истураат вода по завршената работа, а другите се на прозор, ако го има)… Зимно време ѕидовите поцрнети од влага, прозорите мора да се отвараат па температурата во собата не се разликува многу од таа надвор, летно време пекол, над 50 степени целзиусови…И така со месеци, со години, обвинетиот е затворен веќе, обвинителите лека полека дособираат докази, законот им дозволува лежерност и можност за злоупотреба. Зборуваме за човек, наш граѓанин кој е само обвинет, сеуште недовршена истрага, не започнат судски процес а останува во „екстремно свирепи услови“ со месеци и години? Многу од „притворениците“ прифаќаат признавање на вина само да отидат во затвор. Да, многу прифаќаат затвор каде е нешто подобро, соочени со условите и проценката дека во затвор можеби ќе преживеат. Во притворот има доктор кој повеќе се грижи за распоредот на стражарите отколку за здравјето на притворениците. Парадоксално, во притворот најсветла точка е организацијата на стражарската служба и коректниот однос на стражарите (барем во последните години). Долгиот притвор се оправдува со можноста некој да избега соочен со високите казни? А казните во обвиненијата се извадени од ракав, во секој случај најтешките и највисоките можни казни. Реално, во денешниов систем на глобализација и покриеност на светот со камери, може да избега некој, а да не биде вратен само ако е „договорен“. Затвореници кои веќе се во затвор, ако имаат судски процес за друго дело, се враќаат во притвор поради можноста да избегаат од затвор???  Многу често и кога треба да заврши притворот, а нема доволно докази, државата не се извинува, туку гледа по секоја цена да изнуди „признание“ за да не плаќа оштета?

Како да е малку што за „обичните” смртници имаме драконски казни, па згора и квалификациите за едно дело се многу често нелогични и се земаат најлошите опции за „обвинетиот“. На пример, тепачка со смртни последици се окфалификува како свирепо или свирепо убиство со умисла. Тешко психички болни кои извршиле убиство или друго кривично дело (шизофрении со халуцинации) многу често наместо во психијатриска установа се чуваат во притвор.

Грижата на државата за затворениците е никаква. Оставени се да преживуваат како знаат и умеат. Ни најголемите затвори немаат болнички оделенија, немаат заболекар, многу затвореници се умрени со нејасни дијагнози.

За затворите и условите таму може да се пишува со денови, но поентата е дека амнестијата е добар почеток. Лошо ќе биде ако остане само на амнестија. Веднаш мора да се почне со: изградба на нови затвори во кои ќе има хотелски услови, во тие комплекси да има солидна здравствена заштита, државата да преземе одговорност за затворениците, секаде каде што ќе се докаже насилна смрт или смрт на затвореник поради негрижа, државата да исплати оштети на семејствата, а одговорните да бидат соодветно казнети, паралелно со законот за амнестија да се донесе друг „соодветен“ кривичен закон, соодветен на степенот на демократските општества и примери од развиените држави, ако за таков закон е потребно повеќе време, да се врати на сила законот од пред 2014 година; на правните факултети да се врати предметот судска медицина, обвинителите и судиите кои судат кривично право да имаат  еден месец „стаж“ во притвор и еден месец во затвор во посебни соби од  затворениците, но во исти услови (замислете некој да биде лекар а да не дежурал во болница и не се мешал со болните)… И најважно да се ослободи судскиот ситем од мешање на политиката, пред се од владеачките партии.

Околу препукувањата за законот помеѓу власта и опозицијата.

Власта – ако не продолжи со цел пакет мерки, ќе ја потврди тезата на опозицијата дека се работи за селектирано/наменско ослободување на затвореници. Идеално ќе беше вакви реформи СДС да започнеше веднаш по преземањето на власта, всушност главната причина за промена на „диктатурата“ беше баш состојбата во судството (водечка парола им беше „нема правда, нема мир“. Многу елегантно решение ќе беше ако се вратеа законските одредби од пред 2014 година, ќе имаше многу поголем ефект од законот за амнестија и предходниот закон за „застарување“… За тие што не се опфатени со законот за амнестија да се понуди и преиспитување на предмети во кои не донел пресуда врховен суд, или немало вештачење од судска медицина за предметите врзани со здравјето… И секако, власта ја пропушти шансата да покаже дека се променила, дека дуваат нови демократски ветрови, и  заедно со законот за амнестија да понудеше прифатливо решение за судените од 27 април (така како што нив им одговара).

Опозицијата – да ја смени реториката: не се сите затвореници криминалци, во затворите има многу чесни луѓе, многу почесни од некои што ги познавам, а не биле и никогаш нема ни да бидат. Така им се нанесува голема болка на „обичните“ затвореници (и нивните најблиски) кои се во затвор поради сообраќајки, кривични дела во небрежност, сторени дела во афект, а не е мал ни бројот на осудени во монтирани политички случаи. Состојбата во затворите е ужасна, грижата на државата за затворениците никаква, правичноста и правдата на ниско ниво.  Таа состојба беше и пред 2016 година, сега  е таква, ќе биде и во 2024. Што губи опозицијата ако се почне сега со решавање на состојбата? Па нели е подобро како следна власт да има еден многу голем проблем помалку. Наместо против, опозицијата треба гласно да биде „за“, да побара/бараше целосно решавање на условите во затворите, изградба на модерни затвори, укинување на „доживотниот“ притвор, немешање на власта во судскиот ситем. Гласно да обвини дека не е исполнето главното ветување по преземањето на власта и дека состојбата во судскиот ситем сега е иста или полоша од времето на „режимот“. Исто така, опозицијата мора да потенцира дека многу Македонци се нашле во затвор, само затоа што си ја сакале татковината, (иако тогашните власти тврделе дека се работи за криминалци), а денес ние се поклонуваме на нивните дела. Голем е спискот на осудените за Македонија, од Ченто, до Шишков, Кљусев, Брашнаров, Пирузе, Венко Марковски, Богдановски…и уште 14.000 патриоти, само во нашата современа историја.

П.С. Не знам од каде е проценката дека затворите се полни со затвореници од СДС и ДУИ, да не е спротивна состојбата? Власта има и други можности за доделување привилегии или ослободување на поединци.

                                                                                    Проф д-р Вело Марковски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ