сабота, 27 јули 2024

Амнести интернешнл: Во Алжир продолжуваат репресиите против Хирак

Алжирските власти продолжуваат со репресиите на правата на слобода на изразување и мирно собирање пет години откако за првпат започна протестното движење Хирак, се вели во соопштението на Амнести интернешнл.

Објавено на

часот

Сподели

Откако движењето Хирак беше запрено поради ковид-19 во 2020 година, алжирските власти ја засилија репресијата над мирното протестирање, таргетирајќи ги критичките гласови и политичките противници.

Стотици луѓе беа произволно уапсени и приведени, додека десетици мирни демонстранти, новинари, активисти и бранители на човекови права продолжуваат да бидат затворани поради критиките кон власта.

„Трагедија е што пет години откако храбрите алжирци излегоа на улиците масовно да бараат политички промени и реформи, властите продолжија да водат застрашувачка кампања на репресија“, изјави Хеба Мораеф, регионален директор на Амнести интернешнл за Блискиот Исток и Северна Африка.

Организацијата за човекови права го повика алжирскиот режим веднаш и безусловно да ги ослободи сите кои биле приведени исклучиво поради остварување на нивните права за слобода на изразување, мирно собирање и здружување.

Невладината организација рече дека бранителите на човековите права, новинарите, активистите и синдикалците треба да можат да ги остварат своите права и слободно да ги изразуваат критичките ставови без страв од репресалии.

„Петгодишнината од протестното движење Хирак мора да стане пресвртна точка која ќе стави крај на оваа клима на репресија, со итно ослободување на произволно приведените и дозволување на мирни протести“, рече регионалниот директор.

Алжирските власти исто така мора да го запрат малтретирањето на противниците и критичарите и да ги реформираат клучните закони, како и да ги укинат нејасните и премногу широки одредби што се користеа за потиснување на човековите права, рече претставникот на Амнести интернешнл.

Протестното движење Хирак во февруари 2019 година ширум Алжир ги организираше масовните демонстрации против реизборот на тогашниот претседател Абделазиз Бутефлика. Во последниве години, барањата на демонстрантите еволуираа со барање на политички реформи и дополнителни слободи.

Од мај 2021 година, властите ги блокираа протестите, барајќи претходно известување за секоја демонстрација. Тие исто така го интензивираа задушувањето на граѓанскиот простор и наметнаа репресии над своите неистомисленици, приведувајќи десетици луѓе меѓу кои новинари, бранители на човекови права, свиркачи, како и луѓе кои својот револт го изразуваа на интернет или преку присуство на мирни протести.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ