Извештајот покажува како мобилни форензички алатки од израелската компанија Селебрите се користат за отклучување и извлекување податоци од мобилни уреди на поединци, кои се заразени со новиот Андроид шпионски софтвер Нови-спај. „Српските власти користат технологија за надзор и тактики за дигитална репресија како инструменти за поширока државна контрола и репресија насочени против граѓанското општество“, смета Динушика Дисанајаке од Амнести Интернешнл.
Дисанајаке, заменик регионален директор на Амнести за Европа, рече дека извештајот покажува како производите на Селебрите, кои ги користат полицијата и разузнавачките служби ширум светот, може да претставуваат „огромна опасност“ за активистите „кога се користат надвор од строгите законски контроли“.
Алатките на Селебрите ви дозволуваат да извлечете податоци од низа уреди, вклучително и поновите Андроид и Ајфон мобилни телефони, и може да ги отклучите без пристап со лозинката на уредот. Нови-спај, иако технички помалку напреден од високо инвазивниот шпионски софтвер како што е Пегасус, сепак им дозволува на српските власти да снимаат чувствителни лични податоци од одреден мобилен телефон и овозможува далечинско активирање на микрофонот или камерата на мобилниот телефон.
Извештајот документира како српските власти користеле алатки од израелска компанија за да ги отклучат мобилните телефони на новинарите и активистите пред да ги заразат со шпионски софтвер, вклучително – во најмалку два наврати – за време на полициски разговори.
Српскиот истражувачки новинар Славиша Миланов бил накратко приведен од полицијата во февруари годинава под изговор за алкотестирање. Неговиот Андроид мобилен му бил исклучен кога го предал и никогаш не му била побарана лозинката.
По ослободувањето, Славиша забележал дека мобилниот телефон, оставен на рецепција во полициската станица, неовластено му бил менуван. Анализата на Амнести покажа дека мобилниот телефон е отклучен и дека Нови-спај е инсталиран. Пронајдени се и форензички докази кои покажуваат дека алатките на Селебрите биле користени за отклучување на мобилниот телефон на еколошкиот активист Никола Ристиќ, кој потоа исто така бил заразен со Нови-спај.
„Амнести ѝ припишува шпионски софтвер Нови-спај со голема сигурност на Српската безбедносна информативна агенција (БИА)“, рече Донча Осиербеил, шеф на безбедносната лабораторија на Амнести.
Амнести потврди дека ги известила Андроид и Гугл за Нови-спај пред објавувањето на извештајот и дека шпионскиот софтвер е отстранет од погодените Андроид уреди. „Гугл“, исто така, испрати предупредувања за „напад поддржан од владата“ до можни цели, се вели во соопштението.
Активистите на мета на шпионскиот софтвер признаа дека се трауматизирани. „Ова е неверојатно ефикасен начин за целосно обесхрабрување на комуникацијата меѓу луѓето. Сè што ќе кажете може да се искористи против вас, што ве парализира и на лично и на професионално ниво“, рече еден активист кој сакаше да остане анонимен.
Селебрите не одговори ниту го коментираше извештајот, кој беше испратен пред објавувањето, забележа Амнести. Српските власти, исто така, не одговорија на барањата за коментар. За време на истражниот процес, израелската компанија испрати краток одговор на Амнести во кој се наведува дека не обезбедува технологија за сајбер надзор или шпионски софтвер.