Пратениците на горниот дом на американскиот Конгрес законот го одобрија со 70 наспроти 29 гласови.
Дваесет и двајца републиканци се придружија на мнозинството на демократите и го поддржаа законот.
Но неговата судбина во Претставничкиот дом кој го контролираат републиканците е далеку од извесна, бидејќи поранешниот претседател на САД и потенцијален кандидат за претседател Доналд Трамп ги повика републиканците да не го носат законот кој на претседателот на САД Џо Бајден би му дал прилика за „законодавна победа“.
„Секако се поминати години, можеби и децении, откако Сенатот усвоил закон кој толку влијае не само на нашата национална безбедност, не само на безбедноста на нашите сојузници, туку и на безбедноста на западната демократија“, кажа лидерот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер.
Законот мора да го одобрат двата дома на Конгресот пред Бајден да може да го потпише.
Шумер кажа дека верува дека таа мерка ќе ја добие истата двопартиска поддршка ако дојде до гласање во Претставничкиот дом.
Но, законот се соочува со големи предизвици да стигне до Претставничкиот дом, бидејќи републиканскиот претседавач Мајк Џонсон замери поради недостигот од конзервативни одредби за сопирање на рекордниот прилив на мигранти преку границата на САД и Мексико.