Сенатот го поддржа Рубио со 99 гласа „за“ и ниту еден „против“, неколку дена откако се одржа расправата за неговата номинација пред Комисијата за надворешни работи. Рубио е првиот кандидат за Кабинетот на Трамп потврден од Сенатот, неколку часа откако Трамп беше инаугуриран за 47-ми американски претседател.
Оваа недела треба да се гласа и за другите кандидати на Трамп, пренесува Гласот на Америка. Рубио (53) е син на имигранти од Куба. Додека беше сенатор, се залагаше за построги мерки против таа земја и нејзините сојузници, особено кога станува збор за владата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
За време на сослушувањето за потврда на номинацијата, тој предупреди дека САД мора да го сменат курсот за да избегнат да станат позависни од Кина и најави посилна надворешна политика фокусирана на американските интереси.
Тој исто така рече дека американската политика треба да инсистира на прекин на војната во Украина и нагласи дека за договор за прекин на огнот ќе биде потребно и Москва и Киев да се согласат на отстапки.
Тој посочи дека Украина ќе мора да се откаже од својата цел да ја врати целата територија што Русија ја зазеде во изминатата деценија. Рубио е првиот Хиспаноамериканец што ја извршува највисоката дипломатска функција во земјата.