сабота, 27 јули 2024

Американскиот Конгрес го одобри пакетот помош за Украина и Израел

Претставничкиот дом на САД во саботата со мнозинска двопартиска поддршка го усвои пакетот безбедносна помош од 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван, и покрај жестокото противење на некои републиканци.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пакетот од четири закони сега оди во Сенатот, кој е под мнозинска контрола од демократите и кој донесе слична мерка пред повеќе од два месеци.

Сенатот треба да гласа за него следната недела, а потоа да го испрати до претседателот Џо Бајден за негов потпис.

Десетина демократски претставници вееја украински знамиња кога стана очигледно дека пакетот ќе биде усвоен. Претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон, ги предупреди претставниците дека тоа е „несоодветно однесување“.

Пакетот вклучува и помош за Израел, Тајван и сојузниците во индо-пацифичкиот регион, како и други надворешнополитички предлози, како што се санкции, де факто забрана на кинеската социјална мрежа Тик Ток и потенцијален трансфер на запленетите руски средства во Украина.

Покрај 60,84 милијарди долари за Украина, законот предвидува 26 милијарди за Израел, од кои 9,1 милијарди за хуманитарни потреби и 8,12 милијарди за Индо-Пацификот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се заблагодари на Соединетите Држави за пакетот помош за неговата земја во војната против Русија, кои пак оценија дека потегот ќе ја „уништи Украина“ и само ќе доведе до повеќе смртни случаи.

„Благодарен сум на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, двете партии и лично на претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, за одлуката што ја води историјата на вистинскиот пат“, напиша Зеленски на Икс.

Тој додаде дека помошта „ќе го спречи ширењето на војната, ќе спаси илјадници и илјадници животи и ќе им помогне на двете наши нации да станат посилни“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ