сабота, 25 јануари 2025

Американски воени авиони депортираат мигранти додека Пентагон подготвува уште трупи за границата со Мексико

Американски воени авиони Ц-17 денес почнаа да превезуваат мигранти врз основа на наредбата на претседателот Доналд Трамп, додека Пентагон се подготвува да испрати уште војници на јужната граница, вклучувајќи ја елитната 82 воздушнодесантна дивизија на американската војска, пренесува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп на првиот ден од мандатот ја прогласи нелегалната миграција за национална вонредна ситуација, задолжувајќи ја американската војска да помогне во обезбедувањето на границата, воведувајќи широка забрана за азил и преземајќи чекори за ограничување на државјанствата за децата родени на американско тло.

Извршната наредба на Трамп од 20 јануари му наложи на Пентагон да испрати толку трупи колку што е потребно за да се постигне „целосна оперативна контрола на јужната граница на Соединетите Американски Држави“.

„Летовите за депортација почнаа“, објави портпаролката на Белата куќа Каролин Левит на мрежата Икс.

Денес два американски воени авиони, секој со по 80 емигранти, летнаа од Соединетите Американски Држави за Гватемала, им кажал американски функционер на новинарите.

Претходно оваа недела, администрацијата на Трамп најави дека американската војска ќе испрати дополнителни 1.500 активни војници на границата со Мексико.

Американски функционери кажале за Ројтерс дека војската се подготвува уште следната недела да испрати втор бран трупи на границата со Мексико, кој веројатно ќе вклучува војници од 82 воздушнодесантна дивизија. Изворот навел дека би можело да има илјадници трупи, но формална одлука сè уште не е донесена.

Војниците од 82 воздушнодесантна дивизија обично се спремни за брзо распоредување во кризни ситуации низ светот, главно во конфликтни зони, а не на границата на САД со Мексико.

Ројтерс претходно оваа недела извести дека се водени неформални разговори за испраќање дури 10.000 војници за одреден период, иако конечниот број не е утврден, а бројот на трупите ќе зависи од неколку фактори, вклучувајќи го влијанието на воената спремност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ