Судијата Хуан Мерчан ја донесе одлуката со која 78-годишниот Трамп безусловно се пушта на слобода и го затвори случајот за тајната исплата на пари на порно глумицата Сторми Дениелс која се надви над неговите настојувања повторно да ја преземе Белата куќа.
Пресудата е донесена само неколку дена пред инаугурацијата на Трамп на 20 јануари.
Судот на Трамп му дава безусловно отпуштање кое, според законот на државата Њујорк, не подразбира „испраќање во затвор, парична казна или условен период под надзор“. Но, во досието на Трамп трајно ќе остане пресудата за вината.
Трамп преку видео линк се појави на изрекувањето на пресудата за кривичното дело.
Тој се изјасни дека не е виновен и порача дека ќе се жали на пресудата. Тој со својот адвокат се појави на екраните во судницата.
„Тоа беше политички лов на вештерки“, кажа Трамп пред изрекувањето на пресудата. „Тоа е направено за да му се наштети на мојот углед и за да ги изгубам изборите, но очигледно не го постигна тоа. Целосно сум невин, не направив ништо лошо“, кажа Трамп.
Сега кога е донесена пресудата тој може да поднесе жалба, што е процес кој може да трае со години и да се одвива додека тој го служи четиригодишниот претседателски мандат.
Судијата Хуан Мерчан, кој го водеше шестнеделното судење, и претходно навести дека не планира да го испрати Трамп во затвор ниту пак парично да го казни.
Ова изрекување на пресудата е кулминација на првиот кривичен процес во историјата против некој американски претседател.
Трамп е првиот поранешен американски претседател кој е кривично гонет и првиот поранешен претседател осуден за кривично дело.