Гостувајќи на Фокс њуз тој изјави дека целата кореографија на последната посета на Зеленски е „крајно срамна“. Тврди дека сето тоа резултирало со „недостоинствен процес“ во кој украинскиот лидер бара од американските законодавци да се согласат да дадат 61 милијарда долари од даночните обврзници, за да не бидат „идентификувани како марионети“ на рускиот лидер Владимир Путин.
„Ако прво сакате да ја обезбедите сопствената граница, всушност сте марионета на Путин. Тој тоа денес јавно го кажа. Мислам дека тоа е срамно. Мислам дека е гротескно“, истакна Венс. Тој смета дека реториката на Зеленски е трик за вршење притисок врз воздржаните републиканци да се откажат од својата борба за безбедноста на границите за наместо тоа „на Киев да му овозможат уште еден бланко чек“.
„Јас нема и не мислам дека републиканците би требало да се согласат на тоа“, порача Венс. Додаде дека и поддржувачите на Украина и скептиците на десницата биле јасни дека претседателот на САД Џо Бајден требна да потпише значително финансирање на граничните контроли пред да се одобри уште еден чек за Зеленски.
„Тој доаѓа во Соединетите Држави држејќи ни предавања и бара уште долари од американските даночни обврзници… додека фрла во затвор свештеници и други луѓе. Мислам дека тоа е срамно. Во Сенатот сум речиси една година. Ова е најсмешната шарада што сум ја видел во годината тука“, додаде тој.
Венс порача дека украинската контраофанзива не била толку успешна колку што печатот или Украинците ја прикажувале. „Единственото што ќе се постигне е претворање на Украина во постојана држава клиент на Соединетите Држави. Нема да можат да ги плаќаат своите пензионери. Нема да можат да ги плаќаат основните функции на својата цивилна власт. Ете до каде нè доведе оваа политика“, кажа тој.
„Во моментов луѓе во Охајо не можат да си дозволат храна. Младите не можат да си дозволат купување домови. Ние ја плаќаме украинската влада. Мораме да се фокусираме на сопствените проблеми“, заклучи американскиот сенатор.