петок, 14 март 2025

Американски разузнавачи: Путин нема намера да се откаже од освојување на Украина

Рускиот претседател Владимир Путин не се откажува од својата цел да ја контролира Украина и покрај американските напори да посредуваат за прекин на огнот, пишува Вашингтон пост, повикувајќи се на извори запознаени со доверливи извештаи на американските разузнавачки служби.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според американски функционер, Путин сè уште има „долгогодишна желба да ја обнови „Мајка Русија“ и останува решен да воспостави контрола над Киев“. Оваа проценка беше меѓу разузнавачките извештаи дистрибуирани до администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп на 6 март.

Некои официјални лица веруваат дека дури и ако Русија се согласи на привремен прекин на огнот, Москва би ја искористила паузата за повторно да се вооружи, да го прекрши договорот и да изврши провокации кои потоа ќе ѝ ги припише на Украина.

Пред три дена, за време на преговорите во Џеда, Украина се согласи на 30-дневен прекин на огнот, под услов Русија да го стори истото. Овој договор го поттикна Вашингтон да ја обнови воената и разузнавачка поддршка за Киев.

Путин вчера изјави дека Русија е подготвена да го прифати американскиот предлог за прекин на огнот, но само доколку Украина ја прекине мобилизацијата, воената обука и увозот на оружје.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли условите на Путин како „руска манипулација“ и повика на построги санкции против Москва.

Трамп, кој претходно предупреди на „погубни“ финансиски последици за Русија доколку војната се одолговлекува, вчера изјави дека изјавата на Путин е „ветувачка“, но „не е целосна“.

Европски разузнавач изјави за Вашингтон пост дека Москва го гледа Трамп како слаб, без јасни принципи и потенцијално подложен на манипулации, врз основа на неодамнешните разузнавачки информации.

Ако се постигне траен прекин на огнот, Русија најверојатно ќе се врати на „хибридните“ методи, пропагандата, економскиот притисок и сајбер нападите што ги користеше против Украина пред инвазијата во 2022 година, додаде функционерот.

Американските власти и понатаму се внимателни во проценката на можните мировни услови што Путин би можел да ги прифати, но тие не гледаат индикации дека тој се откажал од своите напори да го врати Киев под руско влијание.

Западни безбедносни извори претходно за Блумберг изјавија дека Путин поставил „максималистички“ барања околу територијалните отстапки, мировните сили и украинската неутралност, свесен дека овие услови се неприфатливи за Киев и европските земји.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ