сабота, 27 јули 2024
Во Конгресот

Американски генерал: Издржливоста на украинските војници наскоро нема да може да им парира на војниците и ракетите на руската војска

Издржливоста на украинските војници наскоро нема да може да им парира на човечката сила и проектилите на руската армија, доколку Конгресот не одвои дополнителни средства за воена помош за Украина, рече пред пратениците генералот Кристофер Каволи, врховен командант на американските сили во Европа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тоа е дел од сериозното предупредување за насоката во која се развива конфликтот, кој трае повеќе од две години.

Американските воени претставници во последниве недели постојано предупредуваат дека руските сили успеале да постигнат постепен напредок во Украина и дека, без нова американска поддршка, украинските сили на крај ќе мора да потклекнат.

Сведочејќи пред Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом во средата, командантот на Европската команда на американската армија многу отворено ја опиша состојбата на военото поле.

„Доколку не продолжиме да ја поддржуваме Украина, таа за прилично краток временски период ќе остане без артилериски гранати и ќе остане без пресретнувачи во воздушната одбрана“, рече генералот Каволи, објаснувајќи дека Киев зависи од Америка кога станува збор за таа клучна муниција.

„Јас не можам да ја предвидам иднината, но знам проста математика“, рече тој. „Врз основа на моето искуство од 37 години во американската војска, ако едната страна пука, а другата не може да возврати, страната што не може да пука – ја губи битката“.

Каволи, исто така, рече дека Русија веќе има стекнато значителна предност бидејќи американските законодавци не усвоија дополнителен пакет помош од 60 милијарди долари.

„Руската страна сега истрелува повеќе муниција во Украина во сооднос 5 спрема 1“, изјави генералот пред членовите на Конгресот. „Во следните неколку недели соодносот ќе биде 10 спрема 1.“

„Не зборуваме за месеци. Не зборуваме хипотетички“, рече Каволи.

Повеќе американски претставници предупредија дека војската на Украина е принудена да ги намали трошоците за артилерија и капацитетите за воздушна одбрана додека Киев чека американските пратеници да одобрат поголема помош.

„Веќе ги видовме последиците од неусвојувањето на дополнителниот пакет помош“, рече помошник-секретарката за одбрана Селест Валандер на сослушувањето, сведочејќи покрај генералот Каволи.

„Не мора да замислуваме што ќе се случи“, рече таа, за успехот на руските напади обвинувајќи го недостигот од артилеријата што Украина ја добива од САД.

Дополнителниот пакет одбранбена помош беше усвоен во Сенатот уште во февруари, но лидерите во Претставничкиот дом досега одбиваа да го изнесат на гласање.

На прес-конференција на Капитол Хил во средата, претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон рече дека членовите на Конгресот продолжуваат „активно да ги разгледуваат опциите за патот напред“.

„Тоа е мошне комплицирано прашање во мошне комплицирано време. Часовникот отчукува и сите ја чувствуваат итноста од тоа“, рече Џонсон. „Но за тоа треба да има консензус и ние работиме на тоа.“

Демократите во Претставничкиот дом, сепак, изразија фрустрација поради одбивањето на Џонсон да го стави предлог-законот на гласање.

„Домот со месеци чекаше да усвои безбедносен пакет за помош на Украина“, рече конгресменот Адам Смит, највисокиот демократ во Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом. „Пред неколку недели веќе доцневме. И сега – секој ден нѐ чини исклучително скапо кога станува збор за способноста да ја одвратиме Русија.“

Членката на Претставничкиот дом Елиса Слоткин, исто така демократка, остро го критикуваше Џонсон, велејќи дека мора да го свика гласањето и покрај противењето на мала група републиканци во долниот дом на Конгресот.

„Мора да го завршиме тоа“, рече таа. „Разбирам дека тој е изложен на ризик да ја загуби работата поради таа одлука, но тоа е лидерство – да се однесуваш како возрасен и да носиш тешки одлуки.“

Некои републиканци, сепак, ги критикуваа демократските пратеници за, како што велат, погрешните приоритети.

„Имаме стотици илјади Американци што умираат, предозирање со фентанил, шверц на деца и сексуална трговија, а да не зборуваме за жителите на повеќе од 178 земји што ја преминуваат нашата граница“, рече републиканскиот конгресмен Кори Милс.

„Но, ох, чекајте, тоа не е приоритет. Ајде да ги обезбедиме границите на Украина“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ