Комисијата сослушува тројца сведоци што знаат како владата постапувала со извештаите за неидентификувани летечки објекти (НЛО), пренесува Би-би-си.
Сите тројца сведоци служеле во американската војска: Дејвид Груш, поранешен американски разузнавач за воздухопловните сили, Дејвид Фрејвор, поранешен командант на американската морнарица и Рајан Грејвс, поранешен пилот на морнарицата.
Тројцата сведоци ги споделуваат своите искуства за НЛО.
Груш тврди дека американската влада ги прикривала доказите за вонземјанска технологија и дека информациите за НЛО незаконски се кријат од Конгресот.
Запрашан од пратеникот Роберт Гарсија дали американската влада поседува НЛО-а, свиркачот Дејвид Груш одговори: „Апсолутно“.
Тој рече дека американската влада има „нечепнати и делумно нечепнати“ возила на вонземјани.
Неговите докази се засноваат на интервјуа со над 40 сведоци во последните четири години.
Информациите за тоа каде се наоѓаат тие НЛО-а им беа дадени на генералниот инспектор и разузнавачките комисии, рече Груш.
Грејвс и Фрејвор, пак, тврдат дека имале лични средби со НЛО.
Грејвс денеска рече дека во 2014 година неговиот тим забележал непознати објекти во американскиот воздушен простор над океанот.
Фрејвор, пак, рече дека бркал НЛО додека летал над Тихи Океан во 2004 година и даде детален опис на неговата средба.
Тоа се случило кога неговиот тим открил „бела вода“ на својот радар и покрај ведрото небо и мирното море без пена од бранови.
Тој го опиша како „мал бел тик-так објект“, кој се движел „многу нагло над водата“.
Додека се обидувале да го следат објектот, тој забрзал пред нив и исчезнал, рече тој.
Средбата била снимена во видео од 90 секунди, но инцидентот никогаш не бил истражен, рече тој.