сабота, 27 јули 2024

Американската министерка за финансии: Светот е доволно голем за и Кина и САД да просперираат

Објавено на

часот

Сподели

Јелен, која денеска заминува од Пекинг, рече дека САД и Кина имаат значителни несогласувања и дека за нив мора јасно и директно да се комуницира.

„САД и Кина имаат значителни несогласувања. Но претседателот Џо Бајден и јас не ги гледаме односите меѓу САД и Кина во рамките на конфликт на големите сили. Ние веруваме дека светот е доволно голем за двете наши земји да просперираат“, кажа Јелен.

Таа рече дека целта на посетата била да се воспостават и да се продлабочат врските со новиот економски тим на Кина, да се намали ризикот од недоразбирања и да се отвори патот за соработка во областите како што се климатските промени и должничките прашања.

Таа повтори дека Вашингтон не сака да се одвои од кинеската економија, додавајќи дека тоа би било „катастрофално за двете земји и дестабилизирачко за светот“.

Но таа исто така рече дека САД сакаат да видат отворена, слободна и фер-економија, а не економија што ги принудува земјите да избираат страни. Нејзината посета вклучуваше и разговори со експерти за финансии за климата, економисти и високи функционери, меѓу другите и со премиерот Ли Џианг.

Таа повика на поголема соработка за економските и климатските прашања и ги критикуваше, како што рече, „казнените акции“ против американските фирми во Кина.

„Здравата економска конкуренција е одржлива само ако е од корист за двете страни“, рече таа. Јелен разговараше и за руската војна во Украина со своите кинески соговорници и рече дека е клучно кинеските компании да избегнуваат да ѝ даваат материјална поддршка на Русија за војната или избегнување на санкциите.

Пред американската министерка, минатиот месец во Кина отпатува државниот секретар Ентони Блинкен, што беше прва посета на висок американски дипломат за време на мандатот на Бајден, а овој месец се очекува Кина да ја посети претставникот за климата Џон Кери.

„Ниту една посета нема да ги реши нашите предизвици преку ноќ. Но, очекувам дека ова патување ќе помогне да се изгради отпорен и продуктивен канал на комуникација“, рече Јелен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ