сабота, 27 јули 2024

Америка се враќа на Месечината по 50 години (ФОТО+ВИДЕО)

Компанија со седиште во Хјустон денеска ќе се обиде да го спушти на Месечината првото американско вселенско летало по 50 години, како дел од напорите на НАСА да им го трасира патот на комерцијалните вселенски летала за враќање на астронаутите на Земјиниот сателит до крајот на деценијата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ако сè оди според планот, компанијата Интуитив машинс полека ќе го приземји својот шестоаголен робот Одисеј во близина на јужниот пол на Месечината, во 23:30 часот по средноевропско време.

Контролорите на летот треба да го потврдат слетувањето околу 15 секунди откако ќе се случи, а настанот ќе се пренесува во живо на веб-страницата на компанијата. Пред слетувањето, Одисеј ќе пушти надворешна камера која ќе ги „фати“ последните секунди од неговото спуштање.

Обидот на друга американска компанија да го стори тоа минатиот месец заврши со неуспех, што им отежна на приватните компании да докажат дека можат да го повторат она што НАСА го направи со својата последна мисија на Месечината, Аполо 17, во 1972 година.

Скот Пејс, директор на Институтот за вселенска политика на Универзитетот Џорџ Вашингтон, изјави за агенцијата Франс прес дека САД повторно ги зајакнуваат своите способности за истражување на Месечината, по половина век пауза.

„Луѓето често се прашуваат – ‘ако го направивме тоа во минатото, зошто не можеме и сега?’“, рече Пејс, поранешен член на Националниот совет за вселенски работи. „Секоја генерација треба да го научи тоа одново“, додаде тој. „Имате предност, ја разбирате технологијата, проблемите и многу повеќе. Но, тоа е сè во книгите. Тоа не е искуство на летање што го имате во малиот прст“.

Одисеј беше лансиран на 15 февруари со ракетата Фалкон 9 на Спејсекс. Неговата дестинација е кратерот Малаперт А, кој се наоѓа на околу 300 километри од јужниот пол на Месечината.

НАСА се надева дека со текот на времето ќе воспостави долгорочно присуство на Земјиниот сателит и таму од мразот ќе собира вода за пиење и за ракетно гориво. НАСА го прави ова како дел од програмата Артемис, чија цел е да воспостави база на Месечината, предуслов за идните човечки мисии на Марс.

Инструментите на Одисеј вклучуваат камери за проучување на промените на површината на Месечината под издувните гасови од моторите на вселенското летало и уред за анализа на облаците набиени со честички прашина кои во самракот лебдат над површината поради сончевото зрачење.

НАСА ѝ плати на компанија 118 милиони долари за транспорт на нејзиниот нов хардвер на Месечината, дел од иницијативата на Американската вселенска агенција со која сака да го делегира транспортот на товар до Месечината на приватниот сектор со цел да заштеди и да ја зајакне лунарната економија.

Првата приватна компанија што се обиде беше Астроботик со седиште во Питсбург, но од нејзиното вселенско летало Перегрин почна да истекува гориво, поради што на крајот беше вратено назад да изгори во Земјината атмосфера.

Вселенските летала што слетуваат на Месечината мора да совладаат опасни карпи и кратери и, во отсуство на атмосфера која поддржува падобрани, да се потпираат на потиснувачи кои го контролираат нивното спуштање. Околу половина од повеќе од 50 обиди досега биле неуспешни.

Досега само вселенските агенции на Советскиот Сојуз, САД, Кина, Индија и Јапонија успеаја да слетаат на Месечината.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ