ИРНА соопшти дека Министерството за надворешни работи го повикало австралискиот амбасадор во Техеран, Иан Мекконвил, и го осуди објавувањето на фотографиите на социјалните мрежи, нарекувајќи го навредливо и против иранската и исламската култура, како и меѓународните норми.
Како одговор, Мекконвил рече дека неговата земја не го навредила Иран или иранската култура, додавајќи дека објавата на Инстаграм не го спомнува Иран, објави Асошиетед прес.
Во понеделникот, австралиската амбасада објави фотографија од Мекконвил и негови колеги облечени во облека со виолетови детали.
„Денес го одбележавме овој ден со употреба на виолетова боја и со вкусни колачиња направени со љубов. Денес и секој ден се стремиме да создадеме охрабрувачко опкружување каде секој, особено ЛГБТКИА+ младите, ќе можат да се гордеат со тоа што се. Сите заедно, поддржувајќи ги разликите, работиме за посветла и поинклузивна иднина“, се вели во соопштението.
Хомосексуалноста е нелегална во Иран, но според религиозниот декрет издаден пред 30 години, на трансродовите лица им е дозволено да бараат операција за промена на полот.