„Благодарна сум што денеска дојдов овде со мојот пријател, амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас. Ние ја понудивме сета можна помош, но ние сме далеку и благодарна сум што повеќе земји од регионот реагираа многу брзо и понудија помош, и презедоа дел од повредените и понудија помош што им беше потребна во моментот. Ние немавме можност тоа да го понудиме бидејќи сме далеку, и затоа сум многу благодарна на моите колеги и нивните земји што го сторија тоа“, изјави Агелер.
Претставникот на Светската здравствена организација (СЗО) во земјава Акиим Али, по потпишувањето во Книгата на жалост изрази сочувство до целата нација по повод трагичниот настан во Кочани, во кој животот го изгубија 59 лица, а 155 се повредени.
„Ова е навистина трагичен настан и во овој момент сè што можеме да направиме е да го изразиме нашето сочувство до целата нација, до заедниците и семејствата кои ги жалат оние кои ги изгубија, како и до оние кои се молат за брзо закрепнување на повредените пријатели и деца“, изјави претставникот на СЗО, Али.
Тој посочи дека како Светска здравствена организација нудат поддршка на кој било начин што можат да ја дадат во овој момент, како и за понатамошните потреби, штом ќе има појасна претстава.
„СЗО стоеше и стои на располагање за земјата брзо и ефикасно да ја добие потребната поддршка и грижа за луѓето на кои им е потребна“, рече Али.