четврток, 16 јануари 2025

Амбасада на САД: Неконтролираните активности ги поткопуваат аспирациите на Косово да се приклучи кон евроатлантската заедница

Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Приштина преку соопштение го критикуваше затворањето на паралелните српски институции на Косово, наведувајќи дека овие прашања треба да се решат со дијалог.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Постојаните и некоординирани активности на косовската влада за затворање на институциите поддржани од Србија директно и негативно влијаат врз граѓаните на Косово – етничките Срби и другите заедници – и ги поткопуваат аспирациите на Косово да се приклучи кон евроатлантската заедница“, се вели во соопштението на Амбасадата на Икс.

Се нагласува дека овие прашања треба да се решат со дијалог со посредство на ЕУ, „за да се унапреди нормализацијата и интеграцијата на Косово како модерна, мултиетничка, европска демократија и да се заштити благосостојбата на неговите граѓани“.

Понатаму се наведува дека САД многу инвестирале на Косово „работејќи на остварување на нашите заеднички долгорочни интереси“.

Тие, исто така, додаваат дека „овие некоординирани акции, спротивно на нашите најдобри совети, ја ослабуваат довербата во односите и ја ограничуваат нашата способност да му помогнеме на Косово да обезбеди подобра и посветла иднина за целиот свој народ“.

Претставници на меѓународната заедница реагираа на вчерашната акција за затворање на десет институции во Косово што работеа според српскиот систем и ги критикуваа косовските институции за времето и начинот на кој таа беше спроведена.

Косовскиот амбасадор во Белгија, Агрон Бајрами, одговори на реакциите на меѓународната заедница.

„Само да појаснам. На Косово нема структури поддржани од Срби: тоа беа нелегални структури поддржани од Србија. Нема договор за преговори за иднината на овие структури. Денешната акција на косовската полиција не предизвика никакви инциденти“, напиша Бајрами на платформата Икс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ