сабота, 27 јули 2024

Алкалоид е подготвен за дебито во Европа

Утре со почеток од 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“, РК Алкалоид ја пречекува Војводина во рамките од првото коло во Европската лига.
 

Објавено на

часот

Сподели

За Алкалоид утрешниот меч ќе биде историски, прв натпревар на Европска сцена.

Покрај Алкалоид и Војводина, во групата Ф уште се наоѓаат и екипите на Ла Риоха и Бјерингбро/Силкенборг.

Тренерот на Алкалоид, Кире Лазаров вели дека неговите ракометари ќе го дадат максимумот против Војводина, фаворитската улога му ја препушта на српскиот тим.

„Ова е историски натпревар за Алклаоид. Минатата сезона направивме голем успех, во втората година од нашето постоење се пласиравме во Европската лига на ЕХФ. Тоа е второ по квалитет натпреварување во Европа. Лани имавме само македонски играчи, сега се засиливме со двајца интернационалци кои треба да ни донесат искуство“, вели тренерот Кире Лазаров.

„Ќе се обидеме да бидеме компетитивни во ова натпреварување кое е рамо до рамо со Лигата на шампионите, во него има екипи кои низ историјата играле важна улога во елитата. Ова за нас е голем предизвик, особено за младите македонски играчи и се надевам дека достојно ќе се презентираме. Нашата група не е лесна, но ние ќе го дадеме максимумот“.

„Нашиот прв противник е Војводина, победник на третото европско натпреварување на ЕХФ. А за да се победи во било кој европски куп, потребен е квалитет. Оваа година Војводина донесе двајца Тунижани, го имаат Воркапиќ кој е еден од нивните подобри играчи, тука е и Сунајт, унгарски интернационалец и репрезентативец и заедно со белорускиот репрезентативец Пуховски, словенецот Оцвирк… тоа доволно говори со каков противник треба да ги одмериме силите. Тука се и дански Силкеборг и Ла Риоха, екипи кои имаат традиција во европските натпреварувања и доаѓаат од земји кои во секој јануари се борат за медали“.

„Македонските навивачи во следниот период ќе уживаат во овие натпревари, а ние како клуб ќе се обидеме да го дадеме најдоброто од себе. Очекувам квалитетен меч и се надевам дека играчите ќе одговорат на предизвикот. Војводина е фаворит, а ние се надеваме дека ќе се отвори можност за изненадување доколку играме на потребното ниво“.

Капитенот на Алкалоид, Игор Ѓорѓиев вели дека играчите се подготвени и мотивирани за стартот на европската авантура.

„Лани како млада екипа направивме голем успех со тоа што завршивме на втората позиција и се пласиравме во Европската лига на ЕХФ. Прв противник ни е Војводина која е актуелен шампион на Србија и има квалитетен тим. Како капитен можам да кажам дека сме подготвени, мотивирани и со желба за докажување. За нас овие натпревари ќе бидат едно големо искуство и би сакал да испратам порака до македонската јавноста да дојдат утре и да ни дадат поддршка“, рече Ѓорѓиев.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ