понеделник, 15 април 2024

Крилото на Села и Унија на Ромите нови членки на Европскиот сојуз на Ахмети

Крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села на претстојните избори ќе биде дел од Европскиот фронт, коалицијата предводена од ДУИ. Одлуката, како што изјави Села, е донесена едногласно, на денешната седница на Централното собрание на партијата. И Унијата на Ромите денеска потпиша коалицискиот договор за приклучување на ова партија кон Европскиот фронт предводен од ДУИ.

 

Објавено на

часот

Сподели

„За шеф на Изборниот штаб беше избран Тирон Јајага, заменик министерот за одбрана. Одлучувавме и за понудата од страна на Европскиот фронт, јас веќе ги објаснив позициите на АА – делегатите едногласно одлучија, еден беше против, и четворица возржани за АА да биде дел од Европскиот фронт, дел од одговорностите што треба да ги преземеме, за нашата иднина да биде уште подобра“, рече Села.

Прашан за понудата од ДУИ за пристапување во Европскиот фронт Села рече дека очекуваат да добијат најмалку пет пратенички мандати.

„Бројот на пратеници ги одредува народот, гласачите, а не политичките партии. А ние сме се договориле во оваа коалиција, АА да ја зачува парламентараната група во Собранието. Но како резултат на гласањата од гласачите, овие бројки може и да се зголемат. Европскиот фронт ќе биде апсолутен победник на изборите. Од друга страна АА ќе има минимум парламентарна група“, рече Села.

Тој пред седницата посочи дека Алијансата за Албанците била доведена во ситуација денеска да одлучува или да биде дел од некоја коалиција или да ги бојкотира изборите бидејќи, имајќи ги во предвид, како што наведе, проблемите кои им се случија во врска со печатот на партијата и спорот во судот, бидејќи роковите за да одат со независни листи се веќе поминати. Доколку и ги добијат печатите на партијата овие денови, Села, вели, најмалку осум дена треба да поминат се додека стане правосилна таа одлука.

Расколот во АА настана кога лидерот на партијата Арбен Таравари објави дека Алијанса за Албанците на претстојните парламентарни избори ќе настапи заедно со опозицискиот блок на Албанците во земјава, односно со Беса, Алтернатива и Демократско движење. Села, пак, возврати дека партијата не е консултирана и дека тие ќе одат на избори самостојно. Двете крила потоа одржаа посебни конгреси. На конгресот на крилото на Алијансата за Албанците предводено од Таравари, тој беше реизбран за претседател на партијата. На конгресот на крилото на Села, што се одржа неколку дена подоцна, Таравари беше разрешен од претседателската функција, а Села избан за претседател на партијата.

Во Европскиот фронт, коалицијата предводена од ДУИ веќе пристапија ДПА на Мендух Тачи, Европската бдемократска партија на Аријанит Хоџа, Демократската партија на Турција, Народното двбижење на Скендер Реџепи Зејд и денеска Унија на Ромите.

Претседателката на Унија на Ромите, Фатима Османовска порача дека Ромите ќе влезат во Европската Унија како рамноправни со сите граѓани, бидејќи како што рече, ромската заедница има високо образовен и стручен кадар, како и ромска политичка партија, за која рече, обединува и организира.

„Како заедница со децении наназад молиме за да се створи шанса за нас, ни велеа немате образовен кадар, немате политичка моќ, не сте организирани. Еве сме сега со високо образовен и стручен кадар со ромска политичка партија која што обединува и организира. Застанати пред европската врата, Ромите ќе влезат во ЕУ како рамноправни со сите граѓани“, порача Османовска.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во своето обраќање истакна дека големо достигнување е тоа што Општина Шуто Оризари е единствената општина на ромска заедница во Европа и ѝ укажа на Османовска дека ја има поддршката од Албанците, бидејќи како што рече, тие знаат како е да се биде маргинализиран.

„Претседателке вие нема потреба да поставувате барања, нашата поддршка несомнено ја имате, ние знаеме како е да се биде маргинализиран и затоа ќе се залагам повеќе за вас отколку за мене. Со целосна одговорност ви ветувам, пробајте нѐ да видите какви партнери сме, не со зборови, туку со дела. Нашата земја мора да се интегрира во ЕУ и да има владеење на правото, а тоа заедно како Европски фронт мора тоа да го постигнеме. ДУИ ќе направи сѐ што е потребно за во Собранието да има ромска претставничка“, порача Ахмети.

На прес-конференцијата посветена на потпишувањето на коалицискиот договор беше присутен и градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој изрази жалење што претходните политичари не ја препознале приликата да ја искористат можноста на Рамковниот договор, онака како што го искористиле Албанците.

„Жалам што претходните политичари не ја препознаа оваа прилика да се искористи Рамковниот договор рака како што го искористија Албанците да бидат рамноправни со Македонците. Со овој договор Ромите ќе почнат да живеат сонот кој требаше да започне уште пред 24 години“, рече Дудуш.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ