Досегашниот прв човек на ракометот, Живко Мукаетов се повлече од претседателската функција, па денеска се бираше неговиот наследник.
Пред почетокот на гласањето, Мукаетов имаше говор.
„Од вкупно 14 учества на големи натпреварувања, со машките селекции минавме шест европски и шест светски првенства. Деветтото место во Катар е најголемиот успех во нашата ера. Потоа го минавме горливиот процес на смена на генерацијата, примивме и издржавме удари, но сега имаме перспективна генерација. Светското првенство што се одржа годинава е првиот чекор кон иднината. Јавноста тоа го препозна и им даде поддршка на селекцијата составена само од ракометари од домашната Суперлигата. Иако иднината изгледа светла, мора посветено да се работи. Мораме многу да работиме и на полето на жеснкиот ракомет. Имаме добри моменти, но голем е просторот за напредок. Донесовме новини и олеснувања и за клубовите. Ги намаливме, а потоа и целосно ја укинавме котизацијата на клубовите. Формиравме едукативен центар за тренери и им овозможивме на нашите тренери да се едуцираат тука во Македонија и лиценците да им се признати и во странство. Лично посакувам федерацијата да ја преземе личност со идеја и визија. Оставаме функционален систем, без долгови и со голема перспектива. Верувам дека новите структури ќе продолжат по нашиот пат“, рече Мукаетов.
Потоа следуваше гласањето каде Александар Стефанов беше избран за нов претседател на ракометната федерација.
„На ова столче седеле претседатели кои низ годините оставиле голем белег. Сите заедно да придонесеме денес ракометот како национален спорт да остане број 1. Јас оваа функција ќе ја извршувам про боно, без никаков надомест и ќе направам сè за да продолжиме да градиме нови успеси. 26 години сум во ракометот, дел како ракометар, па како генерален спонзор на РФМ, член на Управен одбор. Ракометот ми е и ќе ми биде најголем мотив и пасија во иднина да работиме за подобри услови за развој на македонскиот ракомет“, кажа Стефанов.
На собранието беше присутен и министерот за спорт, Борко Ристовски кој му се заблагодари на Мукаетов и вети продолжување на соработката со Стефанов. Претходно Ристовски го прогласи ракометот за спорт број еден во Македонија.
„Сакам да му се заблагодарам на досегашниот претседател на РФМ за овие успешни 12 години. Парите се важни, но времето кое го посвети претседателот е најважниот сегмент. Верувам дека и во иднина ќе соработуваме со Мукаетов, можеби во некоја друга спортска институација. Министерството ќе соработува и со новите структури и спремни сме дополнително да помогнеме на спортот број еден. Во еден партнерски однос верувам дека ќе изградиме и нова спортска сала на ракометната централа“, порача Ристовски.