Со 13 гласа за, од 15 членови на Судскиот совет, битолскиот судија Александар Камбовски е избран за нов претседател на советот откако Весна Дамева на крајот на минатата година поднесе оставка од функцијата. На седницата не беа присутни претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми и министерот за правда, Игор Филков кои и онака немаат право на глас во советот.
Членот Исамедин Лимани, кој го предложи судијата Александар Камбовски, нагласи дека Камбовски доаѓа од втората генерација на Академијата за судии и јавни обвинители.
„Александар Камбовски има и интегритет и кредибилитет да се бори за поголема финансиска независност на судовите, бидејќи тие ја вршат судската власт, а Судскиот совет треба да им обезбеди услови, како и за судиите да можат понезависно и непристрасно да го применуваат правото“, изјави Лимани.
Судијката Антоанета Димовска, рече дека не се сомнева дека Камбовски ќе покаже менаџерски способности и дека нема никаква причина да го даде својот глас за него.
„Гласот е глас, тој ќе биде прв меѓу еднаквите, ќе не организира, меѓутоа останува да ги вкрстуваме аргументите и да дискутираме понатака за секое спорно прашање“, изјави Димовска.
Судијата Ивица Николовски, рече дека Камбовски го познава подолг период и со задоволство ќе го поддржи неговиот избор.
„Со неговиот кредибилитет, интегритет, искуство, знаење и целосно запознат со сите потрбеи и проблеми на третиот столб на нашата држава очекувам дека заеднички ќе одиме во една позитивна насока на зацврстување и подигнување на довербата на граѓаните, но не со зборови, туку чекор по чекор со дела. Очекувам под негово водство на Судскиот совет да ја зајакнеме довербата, туку и со дела да придонесеме во едно поквалитетно правораздавање“, изјави Николовски.
Членот Тања Чачарова Илиевска, рече дека и покрај одредени ситуации во кои отворено зборувале со Камбовски за одредени проблеми, сепак цени дека треба да ја добие поддршката за претседател на Судскиот совет.
„Очекувам поголема ангажирност од колегата Камвовски во насока на зацврстување на позицијата на Судскиот совет во правосудниот систем, за реализирање на нашите заеднички заолжби, а тоа е да се зачува самостојноста, угледот и независноста во судството и враќање на довербата на граѓаните“, изјави Чачарова Илиевска.
Поранешната претседателка Весна Дамева, рече дека за високиот морал и интегритетот на Камбовски во судството дознала во моментот кога бил избран за член на Судскиот совет, каде што од многу страни самите судии изразиле огромно задоволство, потенцирајќи дека е судија што е самостоен и независен.
„И да не беше предлог на колегата Исамедин Лимани, јас ќе го предложев. Вториот момент заради кој го поддржувам овој предлог е од причина што во овој краток период додека е член јас видов исклучителна поддршка од негова страна во сите активности на Советот во насока на имплементација на препораките на Оценската мисија, и тоа е многу важно“, изјави Дамева.
По изборот за претседател Камбовски, се заблагодари за укажаната доверба и порача дека ќе работи да ја опрадава истата.
„Искрено се надевам дека заеднички ќе успееме да ги постигнеме највисоките стандарди на професионализам, непристраснот и стандарди кои се однесуваат на зајакнување на темелите на владеењето на правоот. Не се сомневам дека во тоа ќе успееме доколку сите работиме и имаме иста цел, а тоа е да имаме здраво, независно и транспарентно судство, кое што е потребно и на граѓаните и на нашата држава“, изјави Камбовски.
Александар Камбовски е дипломиран правник и магистер по правни науки. За прв пат е избран за судија во 2010 година во Основниот суд Битола како дел од втората генерација слушатели на Акдемијата за судии и јавни обвинители (АСЈО). Седум години подоцна, во 2017 година, Камбовски е избран за судија на Апелацискиот суд Битола кога станува и предавач на АСЈО. На крајот на феруари минатата година беше избран за в.д. претседател на судот, а на почетокот на јуни 2024 година беше избран за член на Судскиот совет.
Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, петмина ги избира Собранието од кои двајца на предлог на претседателот на државата. По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои учествуваат во работата на Советот без право на глас.
Петмина од членовите од редот на судиите беа избрани минатата година. Во декември судиите Аритон Ала од Апелацискиот суд Скопје и Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип, претходно во септември беше избрана судијката Џенета Бектовиќ од Основниот кривичен суд Скопје како член на Советот од редот на судиите припадници на заедниците, кои се помалку од 20 проценти од населението во државата, додека во јуни нови членови станаа судиите Исамедин Лимани од Врховниот суд и Александар Камбовски од битолското апелациско подрачје.
Останатите тројца членови на Советот од редот на судиите се судијката Антоанета Димовска избрана во јули 2023 година, судијата Ивица Николовски избран во септември 2022 и Ханиф Зендели избран во јануари 2020 година.
По предлог на претседателот на државата, членови на Советот се Весна Дамева, избрана во декември 2019 година и Миљазим Мустафа избран во јули 2019 година.
Членовите на Советот кои се бираат од Собранието се Тања Чачарова-Илиевска избрана во декември 2021 година, Павлина Црвенковска избрана во декемри 2020 година и Селим Адеми избран во декември 2019 година.
Единствениот орган за избор, оценка и контрола на работата на судиите и чуварот на довербата на граѓаните кон судството – Судскиот совет, годината ја почна со претседателски „рокади“, а ја заврши со празно столче на функцијата претседател на Советот. Судскиот совет, повторно се најде во фокусот на јавноста, но не само по контроверзно разрешување, па враќање, и на крајот оставка од функција на претседателката Весна Дамева, туку и по обидите за примена на дел од препораките на Оценската мисија во своето работење, како и отворените повици од власта за нивно распуштање и реформа на Законот за судски совет.
Изборот на претседател се најде на дневен ред на седница на Судскиот совет и во декември минатата година, но беше одложен до комплетирање на составот со изборот на двајца нови членови од редот на судиите.
Првиот човек на Судскиот совет и неговиот заменик се бираат од членовите со право на глас, откако Уставниот суд во март 2023 го укина ограничувањето тие да се избираат само од редот на членовите избрани од Собранието.