„Минатиот месец дипломирав, но учењето не престанува. Се вели, медицинарите учат цел живот, па така и јас наскоро планирам да ја нострифицирам дипломата на Mедицинскиот факултет во Љубљана, потоа и да специјализирам.“
Албина има дилеми што да специјализира, дали гинекологија или дерматовенерологија, иако сè уште не е исклучена ни првичната желба да биде естетски хирург. На манекенството гледа како на хоби и релаксација.
„Така и ќе остане. Без разлика дали би се вработила утре“, вели таа.
Не смета дека во Македонија може да се живее од професијата модел.
„Познавам девојки со кои сум работела на ревии и фотосесии што многу вложија во своите напори да станат модели, а сепак завршија како водителки или лото-девојки и хостеси. Исто така завршија и оние што отпатуваа во арапските земји за да си ја пробаат манекенската среќа”.
До неодамна многу внимавала на својот изглед, ги броела калориите што ги внесувала, пиела секојдневно по два литра вода, вежбала… Сега пак одлучила да си даде одмор од строгиот режим што си го наметнувала.
„Од годинава јадам буквално сè и се чувствувам многу поубаво. Но не јадам по 19 часот и мислам дека во тоа е тајната за одржување на тежината. Малку физички активности, пилатес, теретана и се разбира дека се останува во форма.”