петок, 14 јуни 2024
Реакциите на МАЕИ вродија со плод

Албанскиот Омбудсман отвори предмет за пописот на Македонците во Албанија

Народниот правобранител на Албанија отвори предмет за пописот на населението, што се спроведе во октомври 2023 година во земјата, по континуираните реакции и дописи на единствената партија на Македонците во Албанија – Македонска алијанса за европската интеграција (МАЕИ) за притисоците со кои Македонците од Албанија се соочија за време на пописот од страна на Бугарија, информираше лидерот на партијата Васил Стерјовски.

Објавено на

часот

Сподели

Народниот правобранител со допис ја известила МАЕИ за отворениот предмет каде од повеќе албански институции меѓу кој и Заводот за статистика бара да ги истражат загриженостите поткренати од страна на оваа партија за асимилација на македонското малцинство од страна на Бугарија и притисокот за време на пописот.

Според него, претходно Народниот правобранител на дописите и реакциите на МАЕИ за притисок од страна на Бугарија се изјаснил за ненадлежен поради дипломатскиот карактер, поради што партијата повторно реагирала до Народниот правобранител и албанските и странските институции барајќи од Народниот правобранител да ги истражи загриженостите што ги поткрена.

Во повторниот допис, МАЕИ наведува дека очекувале „поодлучен однос и проактивни мерки од албанските институции за заштита на правата и слободите на граѓаните со македонско потекло“.

„Изразувајќи го незадоволството од првиот одговор наведовме дека овие наши загрижености беа пречекани со молчење или, уште полошо, со соработка во активностите кои ги помагаат асимилаторските цели на Бугарија кон македонското малцинство. Исто така наведовме дека иако ја признаваме независноста на институцијата, ни изгледа изненадувачки што одговорот што го добивме го сметаат ова прашање надвор од нивна надлежност поради неговата дипломатска природа, и оти нивниот одговор дојде по завршувањето на пописниот процес и два месеци по нашето прво писмо. Во нашите писма јасно беа истакнати сериозни обвинувања против албанските институции, кои останаа неадресирани, иако беа во сферата на нивната јурисдикција“, наведува Стерјовски за МИА делови од реакцијата на МАЕИ до Народниот правобранител.

Инаку, во изминатиот период делегација на МАЕИ предводена од претседателот Васил Стерјовски оствари повеќе средби со претставници на Советот на Европа во Стразбур и со европратеници во Европскиот парламент во Брисел каде главен фокус на средбите се даде на положбата на Македонците во Албанија.

Исто така им беше доставен посебниот извештај подготвен од МАЕИ за пописот во Албанија, кој се спроведе во октомври 2023 година и притисоците на Бугарија за асимилација на Македонците во Албанија. За притисоците за време на пописот во Албанија, МАЕИ побара помош и ги извести и Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ и Комитетот за елиминација на расна дискриминација-Канцеларијата на Обединетите нации во Женева.

По повеќето реакации на МАЕИ, албанските власти забранија влез во Албанија на Виктор Стојанов, претседател на фондацијата „Македонија“ од Софија кој кршејќи повеќе закони се мешаше за време на пописот во Албанија. Во исто време МАЕИ побара од албанските власти забрана на активностите во Албанија на фондацијата „Бугарска меморија“ со претседателот Милан Врабевски од Бугарија, која изминатите години изгради широка мрежа во Албанија, коруптирајќи албански функционери и влијаеше на процесот на пописот со цел асимилација на Македонците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ