недела, 14 април 2024
Алис Тејлор

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Албанија: Пионери во примената на вештачката интелигенција, но по која цена?

Албанија е категорична во тоа да стане регионален лидер во користењето на вештачката интелигенција. Но, како и во однос на другите нешта, сè се сведува на спроведување и запазување на демократските вредности, човековите права и приватноста и интегритетот на податоците на граѓаните.

Премиерот Еди Рама објави во декември 2023 година дека владата ќе го користи ChatGPT за да го забрза процесот на интеграција во ЕУ и, иако деталите за тоа се речиси непознати, „пипалата“ на вештачката интелигенција се шират и во другите делови на албанското општество и управување.

ChatGPT е јазичен модел кој користи вештачка интелигенција и кој е развиен од поранешниот главен службеник за технологии а сега извршен директор на OpenAI, Мира Мурати и нејзиниот тим. Беше воведен во 2022 година и направи револуција во многу сектори, вклучително и новинарството, академската заедница, маркетингот, науката, математиката, како и во политиката, при што во исто време беше и блескаво фален но и мошне критикуван.

Мурати е Албанка роден во јужниот приморски град Валона, недалеку од местото од каде што потекнува мајката на Рама. Таа избегнува публицитет и генерално одбива да дава коментари за медиумите. Но, на почетокот на декември, премиерот изјави дека имал договорено телефонски разговор со Мурати каде што ја споделил со неа оваа нова идеја.

„Слушнав пријателски глас што го скрши мразот и се осмелив да побарам помош од неа со цел Албанија побрзо да се подготви за членство во ЕУ. Таа се насмеа и мислеше дека се шегувам“, рече тој.

На крајот, рече Рама, „таа се согласи“ и беше формиран заеднички тим помеѓу OpenAI и Националната агенција за информатичко општество (AKSHI).

Албанија е најпроевропски ориентирана земја во Европа, Поддршката за членство во ЕУ изнесува 97% и покрај тоа е во чекалната на ЕУ веќе 14 години.

Албанија аплицираше за членство во ЕУ во 2009 година и е земја-кандидат за членство од 2014 година.

Еден дел од процесот на пристапување значи да се заврши огромна задача во смисла на преведување на законите на ЕУ на албански јазик, а потоа нивно транспонирање во локалното законодавство, со што ќе се обезбеди дека сè е усогласено – станува збор за процес кој може да потрае неколку години за да биде завршен.

Рама рече дека користењето на ChatGPT ќе ја елиминира потребата од регрутирање на „армија од преведувачи и баталјон од адвокати, што би чинело милиони евра“ и ќе го забрза процесот.

Премиерот додаде дека на 13 декември на самитот на ЕУ во Брисел ќе го претстави овој проект (и неговото успешно тестирање) за „Албански модел на вештачка интелигенција за транспонирање на законодавството кое има вкупно 280.000 страници и ги содржи правните мерки на ЕУ“.

Меѓутоа, оттогаш досега во јавноста не се појавија други вести во врска со идејата за ChatGPT, освен распишувањето на тендер во вредност од 2,6 милиони евра за „Користење на вештачка интелигенција во процесот на транспонирање на Европското право со цел интеграција во ЕУ“.

Според документацијата од оваа постапка, „општата цел на проектот е имплементација на технологија за вештачка интелигенција во јавните институции за да се забрза процесот на транспонирање на актите на ЕУ. Обезбедувањето на оваа услуга преку користење на способностите на NLP (Natural Language Processing) ќе овозможи автоматизација, агрегација и селекција на сите акти/закони донесени од ЕУ и пристап до нив во секое време и од кој било уред од страна на сите актери кои се вклучени во овие процеси“.

Поточно, според AKSHI, оваа автоматизација значи додавање на вештачката интелигенција, како технологија, кон јавните институции за цели на управување со барања и обезбедување на бараните информации од актите на ЕУ до сите корисници на платформата во текот на проектот.

Во тендерот не се спомнуваат ChatGPT, OpenAI или Мурати, а прашањата испратени до компанијата дали сè уште ќе работат со владата на овој проект остануваат неодговорени.

Вештачката интелигенција на друго место

Во август 2023 година, албанската влада објави дека ќе започне да користи вештачка интелигенција за креирање услуги што ќе ја надополнат јавната администрација, а сето тоа преку платформата за владини услуги „е-Албанија“. Системот има виртуелен оператор кој користи вештачка интелигенција за да даде одговори во реално време.

Рама, исто така, објави дека вештачката интелигенција ќе замени голем дел од услугите на локално и национално ниво, особено во јавните набавки, во обид да се сузбие корупцијата.

„Без оглед на тоа колкав број на корумпирани поединци ќе бидат казнети со оваа нова правда, корупцијата ќе продолжи да биде проблем сè додека модернизацијата и квалитетот на услугите не го достигнат степенот на трансформација. Но, ова време ни го даде благословот на дигиталната технологија и вештачката интелигенција“, рече тој.

Опишувајќи ги постојните процеси за набавки како „архаични“ и како процеси кои вклучуваат преголем број на службени лица, тој рече во рамките на овој мандат „ќе воведеме набавки со користење на вештачка интелигенција…бидејќи податоците ќе бидат преземени од вештачката интелигенција, а не од поединецот или компанијата, и тоа ќе биде транспарентно за сите“.

На последниот ден од 2023 година беше ставена во функција платформата Виртуелен асистент 1.0 која треба да биде „најновото технолошко решение осмислено да им помогне на граѓаните да добиваат јавни услуги преку рационализирање и забрзување на интеракцијата со државата и јавните институции“.

Владата исто така соопшти дека во текот на 2024 година ќе биде ставен во функција и Виртуелниот асистент 2.0 – четбот активиран со глас и слика кој самостојно ќе го обработува и ќе го комплетира целиот процес на аплицирање за секое барање од корисник во однос на документи и јавни услуги.

Соработката помеѓу националната Агенција за технологија и Мајкрософт се интегрира во порталот за дигитално управување е-Албанија и е во рамките на повикот 24/7/365.

Потоа, на почетокот на февруари, новиот Закон за јавни набавки помина на парламентарната Комисија за економски прашања. Овој Закон се однесува на нов систем кој автоматски ќе ги оценува понудувачите во тендерска постапка и ќе го избира победникот врз основа на критериумите и ситните букви на секоја понуда. Исто така, системот автоматски ќе ги исклучи операторите кои немаат регистриран краен вистински сопственик, или имале претходни прекршувања на законодавството за работни односи.

Иако е веројатно дека ни претстои поголем степен на интеграција на вештачката интелигенција, прашањето за етика на вештачката интелигенција е прашање кое сè уште не е решено.

Загриженост во врска со вештачката интелигенција

Кога беше објавена идејата за ChatGPT-ЕУ, имаше некои засегнати страни кои предупредија за опасноста од спроведувањето на еден таков проект без притоа да има донесено закони за вештачка интелигенција или стратегии на ниво на државата. Владата изјави за БИРН дека тие би користеле меѓународно регулиран модел и дека ги разгледала мерките во врска со етичката и одговорна употреба на вештачката интелигенција.

Во коментарите дадени на платформата, засегнатите страни повторија дека таа само ќе користи јавни податоци и ќе има функција на помошна алатка, но нема да биде заменско решение, во обид да се зголемат продуктивноста и ефикасноста.

Кога станува збор за преведување и транспонирање на закони, етичката употреба на вештачката интелигенција можеби не е проблем, но кога станува збор за други планови во перспектива, таа станува неопходност.

Во однос на интеракцијата на вештачката интелигенција со граѓаните и постапувањето со лични податоци, како што е примерот со виртуелен асистент, прашањето во врска со непостоење на правни регулативи добива на актуелност, и тука се најгласни не само специјалистите по дигитални технологии и активистите од граѓанското општество туку и други.

Во јануари 2024 година беше организиран собир на верски водачи во Тирана на состанок во врска со вештачката интелигенција и мир. Тие се согласија за важноста од брз технолошки развој, но рекоа дека е клучно да се воспостават правила за да се спречи злоупотреба.

Претседателот на Епископската конференција на Албанија, монсињор Ангело Масафра, рече дека е неопходно да постои законска рамка со која се регулира вештачката интелигенција, земајќи ги притоа предвид човековите права, правдата и мирот.

„Тоа ќе биде можно само ако покажеме дека сме способни да дејствуваме одговорно и да ги почитуваме човековите права, инклузивноста, транспарентноста, безбедноста, индивидуалноста, доверливоста и довербата“, рече тој.

Отец Никола Петани од православната заедница додаде дека технологијата може да се користи и за пренесување пораки до верниците; во овој контекст, вештачката интелигенција може да придонесе во корист на луѓето.

Во меѓувреме, во февруари, земјите-членки на Европската Унија постигнаа договор во врска со Законот за вештачка интелигенција кој претставува значајна легислатива за ставање под надзор на оваа новоформирана област и со кого се поставуваат правила за нејзина употреба и имплементација во рамките на целиот блок.

Иако конечното одобрување не се очекува да се случи барем до април, овој Закон ќе реши голем број на постоечки сиви зони и ќе ги заштити компаниите и поединците од злоупотреба на нивните информации и податоци.

Кога станува збор за Албанија, државата се надева дека ќе ја користи вештачката интелигенција за да ѝ помогне да се приклучи на ЕУ, но загриженоста во врска со правилата и понатаму е присутна а единствените сеопфатни правила кои постојат денес се обврзувачки за блокот во кој се надева дека ќе стане членка.

Без разлика дали станува збор за ChatGPT, Мајкрософт или за некој трет понудувач, Албанија е категорична во тоа да стане регионален лидер во користењето на вештачката интелигенција. Но, како и во однос на другите нешта, сè се сведува на спроведување и запазување на демократските вредности, човековите права и приватноста и интегритетот на податоците на граѓаните.

Aлис Тејлор

Текстот е објавен како дел од иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN), во рамки на проектот „Користи факти“ кој се реализира од ИКС, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

КОЛУМНИ

Фестим Ризанај

Вештачка интелигенција: помеѓу информациите и дезинформациите

Ристо Цицонков

Гасификација на Македонија – дали е веќе доцна? (1)

Рајко Пеколски

Семантичка коректност

Омар Ашур

Зoшто ИСИС ја нападна Русија и зошто Русија ја обвинува Украина...

Прилив на мозоци

Дарко Лазаров

Зошто ни е потребен нов модел на економски развој?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ