сабота, 27 јули 2024

Ал џезира ќе го тужи Израел во Хаг за убиството на новинарката

Објавено на

часот

Сподели

Мрежата со седиште во Катар и Палестинската управа ги обвинија израелските војници дека намерно ја убиле Абу Аклех на 11 мај во градот Џенина, а Израел обвинувањата ги отфрли како „очигледна лага“.

Израелските власти наведуваат дека новинарката е убиена за време на оружен судир на израелски војници и палестински екстремисти и дека само со балистичка анализа на куршумот, кој е во посед на Палестинската управа, може да се утврди кој го истрелал смртоносниот куршум.

Ал џезира наведе дека формирала меѓународен правен тим за да ја подготви документацијата која ќе му биде доставена на судот.

Меѓународниот кривичен суд во Хаг минатата година отвори истрага за потенцијалните воени злосторства на Израел на палестинските територии. Израел не е член на судот и ја отфрли истрагата, означувајќи ја како пристрасна.

Ал џезира наведе дека тужбата ќе го вклучува и израелското бомбардирање на зградата во која беа нејзините канцеларии во Газа, за време на минатогодишната војна на Израел и палестински Хамас, како и „продолжувањето на нападите врз новинарите кои работат на палестинските територии“.

Израел соопшти дека во бомбардираната зграда, каде беше и канцеларијата на американски Асошиејтед прес, се наоѓала воена инфраструктура на екстремистички Хамас, кој владее со Газа, но не даде докази за тоа тврдење.

Катарската новинска мрежа наведува дека ќе направи сè за да постигне правда за Абу Аклех и да „обезбеди одговорните за нејзиното убиство да бидат изведени пред лицето на правдата“.

Израелските власти наведуваат дека не можат да заклучат дали фаталниот истрел го испукале палестинските екстремисти или израелските војници сè додека Палестинската управа не им го предаде куршумот за балистичка анализа. Палестинската управа одбива соработка со Израел бидејќи, како што наведува, не ѝ верува на таа земја.

Палестинската управа во четвртокот ги објави резултатите од сопствената истрага, наведувајќи дека Абу Аклех намерно ја убиле израелски војници и дека немало екстремисти во близина.

Објавувајќи ги резултатите, палестинскиот врховен обвинител Акрам ал Катиб кажа дека куршумот кој ја убил долгогодишната новинарка пробива панцир, дека е со калибар 5,56 милиметри кој го користи НАТО и дека е испукан од полуавтоматска пушка ругер мини-14.

Израелската војска одби да каже дали такво оружје било користено во рацијата во која беше убиена новинарката.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ