петок, 26 јули 2024

Активности во чест на Шопов, успешни филмски остварувања ја одбележаа 2023 година

Објавено на

часот

Сподели

Безвременските дела на македонскиот великан, поетот Ацо Шопов, беа ставени во фокусот цела година благодарение на Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ која иницираше и инспирираше активности, а во најголем дел беше вклучена и неговата ќерка Јасмина Шопова. Значајно е тоа што поддршка на активностите даде и Организацијата за образование, наука и култура на ОН – УНЕСКО.

Како завршна манифестација што се одржа во рамки на Националната програма за одбележување на 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, беше балетскиот триптих „Молитви на моето тело“, работен по идеја на костимографот Александар Ношпал.

Оваа сценска изведба, што се одржа премиерно во Националната опера и балет (НОБ) на 20 декември, денот на роденденот на Шопов, се базира на циклусот „Молитви на моето тело“ и е структуиран во три чина – „Раѓање“, „Преплетување“ и  „Вознесување“ , кои заедно формираат една органска целина.

Специфично за оваа балетска претстава е тоа што на неа работеа 17 креативни тимови, во рамки на мултидемијален принцип. На претставата работеа три македонски кореографи, со три различни изразувања поврзани во една целина.

Исто така, во чест на Ацо Шопов, дваесетмина еминентни професори и културни работници од тринаесет земји и три континенти учествуваа на меѓународниот симпозиум посветен на Шопов во УНЕСКО, на 21 март годинава. Во Скопје пак, во јули беше поставена и мултимедијалната уметничка изложба „Во пет и седумнаесет“, во рамки на „Скопските урбани приказни“ во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).

Скопје избран за европски град на културата за 2028 

Меѓудругото, она што ја одбележа изминатата година е прогласувањето на Скопје за Европски град на културата за 2028 година. Носител на апликацијата е јавната установа Универзална сала, а проектот е финансиран од Град Скопје.

Во тој контекст, забележителен остана проблемот со реконструкцијата за Универзалната сала, чии надлежности од Градот Скопје неодамна се префрлија на Министерството за култура. На потписот од градоначалничката Данела Арсовска за префрлување на надлежностите се чекаше одреден период, и се стави под знак прашалник што ќе се случи со Универзалната сала и до кога ќе се одолговлекува процесот за нејзина реконструкција.

Останува отворено прашањето дали реконструкцијата на салата ќе заврши до март оваа година, кога се очекува да пристигнат претставниците од Европската Комисија и да извршат увид во тековните активности.

Во меѓувреме беше донесена позитивна одлука дека Охридскиот регион останува на листата за светско наследство на УНЕСКО. Одлуката беше донесена на 45. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што се одржa оваа година во Ријад, Кралство Саудиска Арабија.

Престижниот статус остана, но остануваат и препораките за негово зачувување. Северна Македонија и Албанија добија уште две години да ги исполнат препораките на УНЕСКО. Оваа одлука предвидува прецизна листа на обврски и временски рокови, како и строг надзор од УНЕСКО за исполнување.

Културното наследство како и секоја така и изминатата година остана во фокусот, при што надлежните работеа на усогласување на законската регулатива за подобра заштита на културното наследство.

Во координација со Локалната самоуправа екипи на ЈП „Охридски Комуналец“ се спроведе акција за чистење на плажите на потегот меѓу автокампот „Љубаништа“ и реката Черава.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска неодамна информираше дека се работи на усогласување на Законот за градење и Законот за заштита на културното наследство. Поточно, во тек е подготовката на законската и подзаконската регулатива, која се однесува на заштитата на објектите и материјалото наследство.

Во однос на културното наследство, евроамбасадорот Дејвид Гир испрати апел за возобновување и реконструкција на „Македонска Пошта“ во Скопје, потсетувајќи дека во 2021 година програмата „Европа Ностра“ го стави овој објект на листата на седумте најзагрозени локации од културното наследство во Европа.

Владата на седница одлучи дека треба сите засегнати страни – претставници од „Пошта“, Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, градскиот Конзерваторски центар кои го имаат изработено идејното решение за реконструкција на шалтер салата и Катастарот да седнат на маса и да донесат одлука за реконструкцијата, а потоа да се пристапи кон фондот што го нуди Европската инвестициска банка.

Она што предизвика внимание во јавноста е и изложбата „Сребрена Тракија“ што беше отворена во Археолошкиот музеј во Скопје во ноември, а е резултат на соработката со Бугарија за зачувувањето на културното наследство. Изложбата содржи и наоди од 17 историски и регионални музеи во Бугарија.

Поточно, изложбата е резултат на соработката меѓу македонскиот Археолошки музеј и Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија. Во рамки на оваа соработка, претходно во октомври во Софија беше отворена и изложбата „105 години Требеништа“.

Во меѓувреме, по една деценија од Албанија беа вратени дваесет наши икони кои се репрезент на она што се творело на крајот од 18-ти и во 19-ти век.  Иконите ќе бидат изложени за јавноста во Музејот на Северна Македонија, а после извесен период ќе бидат вратени по храмовите.

Предлог законот за македонски јазик заглавен во Собранието, Министерството за култура со апел што поскоро да се изгласа

Освен заложбите за поголема и подобра заштита на културното наследство во државата, во годината што измина активно се работеше и на Предлог законот за македонски јазик. Тој е изготвен и усогласен со Советот за македонски јазик, а во неговата изработка учествуваше и пошироката стручна јавност. Законот за македонски јазик не е променет од 1998 година.

 

Со новиот закон за употреба на македонскиот јазик ќе се прошират областите во кои задолжително ќе се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, а ќе се прошири и опсегот на задолжително лекторирани текстови што се објавуваат. Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска неодамна испрати апел до пратениците овој Предлог закон час поскоро да се изгласа.

Од овој закон ќе произлезат одредени измени во законите за основно, средно и високо образование. Со овој закон ќе продолжи стипендирањето на студентите, ќе се даде поголема поддршка за македонската литература и на Институтот за македонски јазик.

Успешни филмски остварувања, спротивставени ставови меѓу Агенцијата за филм и Манчевски

Филмската уметност успешно ја одбележа годината што измина. „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски, со кој беше отворено годинашното издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, имаше светска премиера на Филмскиот фестивал во Венеција, и ја доби наградата „17. Queer Lion“. Исто така, филмот ја доби и номинацијата македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“.

Годината што измина ја одбележаа и обвинувањата меѓу Агенцијата за филм и режисерот Милчо Манчевски. Агенцијата за филм поднесе кривична пријава за незаконско работење на „Банана филм“ на Манчевски и беа стопирани сите нивни заеднички проекти.

Од Агенцијата излегоа со сомневање дека продукцијата не ја искажала фактичката состојба за работењето на проектите „Мајки“, „Врба“, „Кајмак“ и „Биста“, а се повикаа и на инспекција извршена од Министерството за култура и од Управата за финансиска полиција.

Правниот тим на „Банана филм“ пак, излезе со реакција дека Агенцијата за филм лаже за наводните неправилности откриени од инспекцијата на Министерството за култура, за како што посочија оттаму, да го дефокусираат вниманието од своето незаконско работење.

По ова, Венецискиот филмски фестивал изрази поддршка за македонскиот режисер Милчо Манчевски, со писмо објавено на нивната официјална веб страна. Манчевски поддршка доби и од Македонската секција на Меѓународната федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ.

MИA

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ