И натаму гори борова шума на територијата на Општина Македонски Брод, кај селата Тажево, Брезница, кон Јасен и Белица. Во Македонски Брод има пожар и кај селото Слатина.
На Галичица пожарот се шири во правец на месноста Магаро кон Стење, Општина Ресен.
Во Општина Новаци, ниска вегетација гори кај селата Полог, Скочивир, Грумази, Сливница…
Борова и букова шума гори кај селото Патеец, Општина Кичево.
Во Општина Чашка мешана шума гори кај Ореше и Папрадиште.
Под контрола се пожарите кај Илинска Планина (Демир Хисар), Пласница, кај селата Бигор Доленци и Челопеци, Кичево, депониите кај Делчево и Трештенска Скала во Штип.
Oд ЦУК ја истакнуваат помошта од компанијата Бехтел и Енка со механизација со кој беше запрен кракот од големиот шумски пожар кој се закануваше на воен објект кај село Челопеци, во близина на Кичево.
Моќен булдожер или багер може да заврши поголема работа и од хеликоптер, доколку условите на теренот дозволуваат негово движење за изработка на доволно широк противпожарен појас каде огнот не може да го помине, велат од ЦУК.
Механизацијата на Бехтел и Енка од четвртокот е распоредена да го ограничи и сузбие пожарот во непосредна близина на бачилото во село Бањица, општина Гостивар.