Ристоска на ова 23-то издание на програма е избрана помеѓу 3.836 апликанти од 123 држави, и е единствената учесничка од регионот.
Берлинале талентс е платформа за развој на филмски таленти, која ја истражува уметноста и процесот на создавање филмови. Основана во 2003 година, оваа програма е препознатлива како еден од водечките форуми за филмски професионалци и ентузијасти. Со над 10.000 алумни ширум светот, Берлинале талентс ја претставува една од најголемите глобални филмски заедници, нудејќи уникатна можност за вмрежување и креативна соработка на меѓународно ниво.
Овогодишната тема на Берлинале талентс е „ Слушај храбро – кинонаративи во времиња на дисонанца“ (Listen Courageously – Cinematic Narratives in Times of Dissonance), која ќе ги истражува значењето и важноста на слушањето во уметноста. Учесниците ќе имаат можност да се вклучат во дебати, работилници и дискусии со светски познати предавачи. Во изминатите години, учесници на главните теми биле филмски легенди како: Мартин Скорсезе, Кејт Бланшет, Кристен Стјуарт, Рубен Остлунд, Џералдин Чаплин и Лупита Нионг’о.
Тамара Ристоска е истакната млада актерка од земјава, која успешно гради кариера и на меѓународно ниво. Позната е по улогите во филмовите „Мими“, „Проблемот на Тина“, „Обичната Ели“, Враќање на тивкиот рид“ (Return to Silent Hill), „Потврдена цел“ (Verified Target) и други. Покрај тоа, таа настапувала и во домашните ТВ-серии „Фамилијата Марковски“ и „Тинејџерски Ккмп“, како и во српските продукции „Константиновата крстосница“ и „Бранител“.
Нејзините најнови проекти вклучуваат улоги во режисерското деби на Сара Климоска „Нова енергија“, филмот „Лубарда“ на Горан Радовановиќ, како и „Рака на правдата“ под режија на Немања Ќераниќ, каде Тамара ја игра една од главните улоги.
Учеството на Тамара Ристоска на Берлинале талентс се смета за огромно признание за неа, но и за македонската културна сцена, потврда дека нашите уметници имаат капацитет да се докажат на највисоко светско ниво.
Годинашното 75. издание на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин ќе се одржи од 13 до 23 февруари, а американскиот режисер, сценарист и продуцент Тод Хејнс ќе биде претседател на меѓународното жири на фестивалот.