четврток, 6 март 2025

Аксиос: Луѓе на Трамп тајно преговарале со Хамас за американските заложници

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп водела директни преговори за ослободување на американските заложници кои ги држи Хамас во Појасот Газа и можноста за поширок договор за окончување на војната, кажале за Аксиос два извори за кои американскиот портал тврди дека директно биле вклучени во преговорите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Аксиос наведува дека тие преговори, кои ги води претставникот на Трамп за прашањето на заложниците Адам Белер, е без преседан бидејќи Соединетите Американски Држави никогаш претходно не преговарале директно со Хамас, кого од 1997 година го води како терористичка организација.

Американскиот портал наведува дека состаноците меѓу Белер и претставници на Хамас се одржани во Доха во изминатите недели.

Иако администрацијата на Трамп го консултирала Израел за моќноста за комуникација со Хамас, Израел за делови од тие преговори дознал преку други канали, кажа еден извор. Изворите за Аксиос зборувале под услов на анонимност.

Преговорите делумно се фокусирале на ослободување на американските заложници, што е во рамки на одговорноста на Белер како претставник за заложниците.

Меѓутоа, се разговарало и за поширок договор за ослободување на сите преостанати заложници и постигнување долгорочно примирје, велат изворите. Но, договор не е постигнат.

Претставникот на Белата куќа Стив Виткоф исто така планирал да патува за Доха оваа недела за да се сретне со премиерот на Катар за преговори за прекин на огнот, но го откажал патувањето откако видел дека од страната на Хамас нема напредок, кажал американски фунцкионер.

Пристапот на Трамп на конфликтот остро се разликува од тој на неговиот претходник Џо Бајден, вклучувајќи повторување со закани за „пекол“ за Хамас и предлог за „американско преземање“ на Газа.

Директното преговарање ос Хамас, особено без согласност на Израел, е чекор кој претходните американски влади никогаш не го презеле.

Израелската разузнавачка служба верува дека Хамас држи уште 59 заробеници во Газа, од кои 35 се сметаат за загинати. Израелската војска верува дека 22 заложници се сè уште живи, а статусот на две лица е непознат.

Меѓу преостанатите заложници има и пет Американци, вклучувајќи го 21-годишниот Едан Александер, за кој се верува дека е жив.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ