понеделник, 21 октомври 2024

Ако советниците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаат за нови автобуси, тогаш нека ги набави Мицкоски, бара Арсовска

Како претседател на Владата доколку не можете да ги убедите советниците во Град Скопје да гласаат за набавка на нови автобуси, тогаш Вие набавете автобуси за главниот град, му напиша градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на премиерот Христијан Мицкоски во отвореното писмо објавено попладнево.

 

Објавено на

часот

Сподели

Според Арсовска, граѓаните на Скопје не смеат да бидат жртви на политичките амбиции на поединци од Советот на Град Скопје и недозволиво е скопјани да чекаат автобуси по еден час на екстремни температури, а учениците да немаат превоз.

„Уште пострашна е најавата на министерката за образование и наука дека нема намера да го исплати долгот за бесплатниот превоз на студенти и средношколци кон ЈСП, со намера и да го прекине овој проект. Како претседател на Владата и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Ве повикувам и Ве замолувам да внесете разум во делувањето на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и Вашата коалиција во Советот. Крајно неодговорно и неразумно е граѓаните на главниот град да бидат жртви на самоволието на 23 луѓе чие единствено политичко делување е преку деструкција, блокади и политички манипулации“, му напиша Арсовска на Мицкоски.

Во  отвореното писмо на Арсовска уште се наведува дека доколку Владата нема пари за нови автобуси, тогаш Градот Скопје по претходна одлука на Советот ќе му ги префрли парите на Мицкоски на посебна сметка, за тој да ја спроведете набавката.

„Доколку е ова прифатливо, предлагам да закажеме вонредна седница на Советот на Град Скопје во среда на 4-ти септември на која заеднички ќе донесеме одлука за набавка на нови 250 еколошки автобуси и останатите одлуки неопходни за непречено функционирање на градот. Предлагам условите за набавка на новите автобуси, начинот, динамиката и финансирањето да го предложите Вие како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а да го предложите преку вашите советници во Советот на Град Скопје. Јас сум подготвена како и до сега, да ги прифатам Вашите барања и услови, со една цел – подобар живот на граѓаните на градот Скопје“, вели Арсовска во отвореното писмо до Мицкоски.

Градоначалничката на Скопје, Арсовска од премиерот Мицкоски уште бара да бидат исплатени длоговите кон неколку јавни претпријатија во надлежност на Град Скопје.

„Како Влада со големо владеачко мнозинсво имате начин и капацитет, а сакам да верувам дека имате и политичка волја да ги исплатите долговите кон ЈСП од 8 милиони евра, КХС од 2,5 милиони евра, но и кон ЈП Дрисла на кој само Клинички центар му должи еден милион евра, како и долговите кон ЈП Водовод и Канализација кои се бројат во милионски суми“, вели Арсовска во отвореното писмо упатено до премиерот Мицкоски.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ