Членови на синдикатот пред зградата на Фондот го чекаат исходот од продолжението на седницата на Управниот одбор што почнала на 4 јануари, за, како што рече Аџигогов, непринципиелниот предлог со кој се бара намалување на платите на вработените.
„Од 9 јануари со препорака од Владата, како што е срочено, се бара намалување од 21 процент. Иако Владата го препорачува тоа како усогласување согласно донесениот буџет, согласно пресметките на стручните служби тоа значи дека платите на сите вработени треба да се намалат за 21 процент#, изјави Аџигогов.
Според него, УО моментно не може да донесе одлука затоа што, наведе Аџигогов, е поделен, тројца членови ги поддржуваат вработените, а еден е против. За да се донесе одлуката потребно е мнозинство од четири члена.
Со одлуката се засегнати 831 вработен во ФЗО и ако има намалување на платите, според Аџигогов, 25 проценти ќе добиваат плата со износ под минимална плата, а 25 проценти колку минималната плата.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) Трпе Деаноски порача дека Владата нема ингеренции да бара ништо од Фонд за здравство бидејќи е самостојна институција.
Потсети дека Синдикатот и раководството преговарале осум месеци и успеале да издејствуваат 15 проценти покачување на платата, но како што наведе Деаноски, министерот за финансии Фатмир Бесими побарал, а Владата го поддржала во барањето да се намалат платите за 21 процент.
„Од нас се бара да се извршуваат можеби најсложените работни задачи од здравственото осигурување во државата што е примарна дејност на Фонд за здравство. Доколку се донесе ваква одлука со намалување жал ми е што ќе кажам, но ќе патат само граѓаните, тие кои се на боледување, нема да се работи ништо воопшто, какви притисоци и да имаат вработените кои се членови на Синдикатот на УПОЗ“, најави Деаноски.
Буџетот на ФЗО е над 46 милијарда денари, од кој износ за плати се издвојуваат 1,19 проценти.