Прашан дали можеби смета дека имало притисок врз судијата, Мицкоски рече дека тој ниту го познава, ниту пак некогаш се видел физички со судијата, така што не би сакал да коментира во тој дел.
„Можеби за тоа треба да дадат одговор сите оние коишто вршеа притисок, преку еден политички монтиран процес, денес луѓе да лежат во затвор седум-осум години поради тероризам. Никој од нив не вели дека не направил грешка. Направиле, но никако не се терористи. Сега кога веќе е јасно дека нема организатори, не знам како може да има терористи“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по увид на градежни активности на патот Катланово-Градманци.
Нагласи дека не станува збор за застарен случај, туку како што рече, толкувањето е дека обвинението е покренато откако истекол рокот за да може да се поднесе барање согласно Законот за амнестија.
„Тие немале можност во рокот да поднесат барање, односно биле обесправени. Тоа е суштината, не е дека е застарен предметот или нешто друго“, изјави Мицкоски.