недела, 14 април 2024
Реакција: Традиција тешко се создава, но лесно се урива

Ако на Македонија не ѝ е потребен „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“ уште помалку

Објавено на

часот

Сподели

Во продолжение реакцијата во целост:

На 14 јули 2023 година Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, преку Министерството за култура доби Решение од Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во  втор степен со кое жалбата на Фондацијата за доделените средства за „Романот на годината“ за 2022 година се одбива како неоснована.

Министерство за култура за наградата „Роман на годината“ за 2022 одреди сума од 55.965 денари. За илустрација ќе кажеме дека само паричниот дел од наградата изнесува 150.000 денари во нето износ. Хонорарите на петчлената жири-комисија исто толку. Натаму, тука се трошоци за свеченото врачување, за оригиналната статуетка што ја добива лауреатот, за промоции низ повеќе градови во Републиката…

Како илустрација ќе споменеме дека минатата година на истиот конкурс, со решение на истото Министерство за култура и со потпис на истата министерка, проектот „Роман на годината“ доби 281.308 денари. За Фондацијата „Славко Јаневски“ останува мистерија што се случи во меѓувреме, па „вредноста“ на проектот да се намали за повеќе од пет пати. Земајќи ги предвид сите објективни околности, сепак не можеме да разбереме зошто кај овој проект дојде до волкаво драстично намалување на поддршката од Министерството. И како е можно Комисијата за издаваштво и литературна дејност до таа мера да го смени своето претходно мислење.

Во Решението по нашата жалба се наведува дека Комисијата за литература и издавачка дејност за 2023 година и ја разгледала пријавата за „Роман на годината“ при што утврдила „дека жалбата не е потполно оправдана од причини што нема нови докази (!) за да се менува одлуката и предлага жалбата да се одбие.“

Фондацијата не може, а да не заклучи дека станува збор за произволен и малициозен однос на Министерството кон една евидентна македонска културна вредност.

Наградата „Роман на годината“ досега е доделена 24 пати. Станува збор за исклучиво непрофитна награда, која единствено е во функција на промоција на македонската литература. Наградата се доделува од 1999 година во рамките на „Утрински весник“. По згаснувањето на „Утрински весник“ формирана е Фондацијата „Славко Јаневски“ со првенствена задача да не дозволи проектот „Роман на годината“ да згасне.

Со ваква финансиска поддршка од Министерството за култура, опстојувањето на „Романот на годината“ е сериозно доведено во прашање. И тоа во пресрет на неговиот 25-годишен јубилеј.

До 15 декември кога традиционално се распишува конкурсот за „Роман на годината“ остана уште малку време. Фондацијата „Славко Јаневски“ прави огромни напори да ја подобри сопствената финансиска кондиција за да може непречено да го организира овој конкурс. Но, со оглед дека „немаме нови докази“ и со оглед дека Министерството за култура кому токму вакви проекти му се „во описот и пописот“ на работата, очигледно смета дека оваа награда во ваков формат е непотребна, сѐ  помалку ја гледаме потребата од сопствено жртвување за организирање и одржување на оваа традиција. Ако на Република Северна Македонија не ѝ е потребен „Романот на годината“, тогаш не гледаме причини зошто би ни бил потребен и нам.

За жал, во Македонија тешко се создаваат традиции, но затоа многу лесно се уриваат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ