недела, 14 април 2024

Ако е заштитен јавниот интерес, заштитени се и правата на граѓаните, порачаа судиите

Фер и транспарентни постапки, посветеност, личен интегритет и заедничко делување се дел од препораките за враќање на довербата во правосудството кои беа истакнати на годишната судиска конференција на тема „Квалитетно правораздавање – Предуслов за обнова на јавната доверба“.

Објавено на

часот

Сподели

На седмата по ред конференција која се одржа денеска во Скопје, по повод Денот на правосудството – 31 март, во организација на Здружението на судиите со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, заменик-шефицата на Мисијата, Сузан Пенкса, истакна дека скорешните времиња претставуваа значајни предизвици за правосудството.

„Крајно политизираните одлуки со недоволна транспарентност и квалитет ја затресоа довербата. Да се обединиме во нашите напори да ја вратиме довербата“, рече таа.

Темите на оваа конференција, како што рече, безгрешно нѐ движат во таа позитивна насока.

„Заедно мора да изградиме систем кој ветува дека предметите се решаваат преку фер и транспарентни постапки и посветеност на професионални стандарди и прифаќање на извонредност и стручност“, дополни таа.

Според Беса Адеми, претседателка на Врховниот суд, предметите од јавен интерес се индикатор за јавната доверба. Таа потенцираше дека со заштитата на јавниот интерес се заштитуваат и правата на граѓаните. Нагласи дека добро образложени судски одлуки, како што рече, претставуваат заштитна гаранција од арбитрарно правораздавање.

„Судските одлуки, а особено нивните образложенија, претставуваат своевидна комуникација со јавноста и граѓаните. Правораздавањето олицетворено во судските одлуки дава придонес во зајакнување на јавната доверба и угледот на судскиот и на правосудниот систем“, рече Адеми.

За квалитетно правораздавање, како што рече, потребен е личен интегритет.

Весна Дамева, претседателка на Судскиот Совет се согласи дека интегритетот е најважното оружје кое ќе може да донесе до неселективна правда еднаква за сите.

„Само преку заедничко делување може да направиме чекор напред. Само така ќе ја вратиме довербата на граѓаните и ќе ѝ помогнеме на нашата држава да стане дел од европското семејство“, рече Дамева.

Претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити, посочи дека здружението активно учествувало во креирањето на дел од решенијата на судските работи, односно одлуки кои, како што посочи, ја определиле насоката на движењето на судството.

Оцени дека во повеќе домашни и меѓународни извештаи се нотираат позитивни и негативни страни, но, според него, прашање е како ги разбираме и дали постапуваме.

„Факт е дека поминавме низ многу предизвици, дел од нив ги совладавме, а дел се тука. Токму поради тоа сакам да посочам дека нѐ очекуваат нови предизвици кои ќе бараат удвојување на напорите на носителите на судската власт и институционално лидерство за нивно успешно менаџирање“, рече Саити.

Изрази надеж дека споделените искуства, професионалност и малку поголема храброст ќе придонесат за справување со новите предизвици.

Во рамките на конференцијата се предвидени и две панел дискусии. На првата панел дискусија претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева и Беса Адеми, претседателката на Врховниот суд, ќе зборуваат за постапка за избор и унапредување на судиите како и улогата на Судскиот совет при изборот на високо квалитетни судии и Советот при Врховниот суд како коректив или формален орган за оцена на законитоста на постапката за избор, предизвици и предности.

На втората панел дискусија судијката и член на Судскиот Совет, Антоанета Димовска, ќе зборува за системот за професионален развој на судиите базиран на заслуги, квантитативни и квалитативни стандарди наспроти дискреционите овластувања.
Завршните согледувања од настанот ќе ги даде претседателот на Здружението на судиите, Џемали Саити.

Конференцијата се организира во рамките на активностите предвидени со годишната програма за работа на Здружението на судии.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ