сабота, 27 јули 2024
Презентирана нова апаратура за генетско испитување во МАНУ

Академик Димовски: Македонија нема друго освен да инвестира во знаењето

Со помош на најмодерна и најсофистицирана опрема за генетско испитување, резултатите од направените истражувања ќе бидат готови за еден ден, со што значително се подигнува квалитетот на работата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), беше истакнато денеска на презентацијата на новата апаратура за генетско испитување како и на имплементацијата на проектот „Унапредување на капацитетот на Националниот центар за геномика и протеомика“.

 

Објавено на

часот

Сподели

Академик Александар Димовски, раководител на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија Георги Ефремов рече дека овој центар е една од најстарите институции во областа на молекуларната биологија у генетика и затоа побара континуирано вложување во науката која има за цел да ги открива основите на наследните генетски болести но и на малигните и инфективните болести.

„Во оваа област треба многу да се вложува за да останеме компетентни и на нивото на кое бевме пред 35 години. Основната цел на новата опрема е што таа ќе се  употребува во научно-истражувачки цели, во откривање на наследни и генетски болести или како што сега се викаат ретки болести но и на малигните и на инфективните заболувања. Другата цел е примена на знаењата од тие истражувања и третата цел е едукација на кадри“, рече Димовски.

Тој упати порака до актуелната но и до сите други идни влади да продолжат со инвестирање во науката како стратешка цел на државата.

„Ние сме мала и сиромашна земја и ние друго немаме освен да инвестираме во знаење и со тоа да создадеме услови младите да останат дома“, порача Димовски. 

Министерот за здравство Фатмир Меџити изјави дека МАНУ и Министерството имаат тесна соработка во многу значајни области од медицината.  

„Од голема важност за нашите пациенти е и можноста за дијагноза со секвенционирање на гени на наследни и малигни болести, меѓу кои и ретки болести во лабораторијата на Македонската академија на науките и уметностите. Исто така, МАНУ секојдневно соработуваше со Министерството за здравство, со нашите здравствени установи и се вложи и научно и истражувачки, за време на кризата со ковид-19“, подвлече министерот.

Академијата за здравствениот сектор, додаде тој, допринесува и помага во рана детекција на болестите, што за нив, лекарите, значи можност за побрза реакција во поглед на методите на лекување. 

Денеска, сме тука да ги одбележиме резултатите од нашата взаемна соработка, бидејќи, како што кажувам во повеќе наврати, успешна, прогресивна држава се потпира на успесите во науката, рече меѓу другото во своето обраќање, премиерот Димитар Ковачевски. 

„Затоа што државата која инвестира во науката, инвестира во својата иднина и развој. Со буџетска поддршка е помогната набавка на новата опрема за потребите на Истражувачки центар за генетско инженерство и биотехнологија Георги Ефремов, вредна над 580 илјади евра. Вложуваме во развојот на генетското инженерство, молекуларната биологија, но и ги следиме светските трендови и во однос на пандемијата со ковид- 19. Опремата е во функција и на едукативната дејност во рамките на постдипломски студии, специјализации и докторски студии од областа на молекуларната биологија и генетското инженерство. Дополнително, со употреба на опремата и со поддршка на Фондот за здравствено осигурување, излегуваме во пресрет на барањата на клиниките и на Академијата, со што од Буџетот ќе се покриваат и две нови анализи за пациенти со ретки болести и за молекуларната дијагностика“, истакна Ковачевски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ