сабота, 27 јули 2024

Ајдин Османовиќ освои награда на меѓународен фестивал за јазик и култура во Германија

Бисерното грло од Сребреник (Босна), 12-годишниот Ајдин Османовиќ, кој на македонската јавност ѝ е познат по изведба на македонски народни песни освои меѓународна награда за интерпретација на турска песна на Меѓународен фестивал за јазик и култура „Бои од гласови“ кој викендов се одржа во германското гратче Гесеке.

 

Објавено на

часот

Сподели

Фестивалот е основан од група турски интелектуалци во Германија во не толку далечната 2002 година како меѓународен јазичен и културен фестивал и првото издание се случи една година потоа, на 15 мај 2003 година со 17 земји учеснички. Денес фестивалот обединува над 160 земји во светот од сите континенти, поделен на сезони и теми за учесниците (ученици) на возраст од 12 до 16 години.

За идејата, концептот и што денес претставува овој меѓународен фестивал Ерсин Јилдиз, еден од основачите на фестивалот и дел од организациониот одбор на фестивалот вели дека овој настан ја надмина својата прва замисла и постигна неверојатен успех благодарение на автентичниот концепт на претставување на народите кој ги обединува  преку песната и јазичната различност.

„Морам да признаам дека голем дел од успехот на овој фестивал се должи на мрежата на меѓународни школи низ целиот свет и наставниот кадар кој ја има примарната цел да ги образува и обединува луѓето кои тежнеат за мир, сочувство и разбирање. Македонија е дел од оваа мрежа и ние имаме одлична соработка со нашите колеги со кои имаме реализирано неколку проекти во Скопје и Охрид. Фестивалот ‘Бои од гласови’ сака да пренесе порака во целиот свет дека соништата можат да станат реалност, вртејќи им грб на стравот и омразата. Незнаењето, сиромаштијата, дискриминацијата и расизмот ќе бидат победени само ако сите заедно направиме полет со крилјата на толеранцијата и почитта кон другите. Секој јазик и култура е дел од овој свет кој ги отвoра нашите срца и умови и се стреми да го вгради наследеното од нашите предци преку нас во новиот свет“, подвлече Јилдиз.

Меѓународниот фестивал траеше две вечери, во петокот на 31 мај со претставување на 11 земји учеснички и саботата 1 јуни со претставување на 13 земји-учеснички.

Првата вечер е посветена на културната и јазична различност и учесниците/изведувачите настапуваат со свои национални песни облечени во традиционални носии.

Македонија беше претставена на првата финална вечер со младата македонска флејтистка Тијана Тушевска облечена во прекрасна македонска народна носија и ја отпеа песната „Македонско девојче“ пропратена со нејзиниот верен инструмент – флејтата.

Според стручното меѓународно жири на првата вечер победи Казахастан, односно интерпретаторот Тимур Тусенбеј, второто место го освои Франција со изведувачката Шерин Лиамин, а третото  место го поделија Албанија и Индонезија, односно изведувачите Алегра Јахо и Мирај Назил Џакијах Нугрохо.

Босанскиот професор по музика Јасмин Брашњиќ е избран за член на меѓународното стручно жири на првата финална вечер на фестивалот „Бои од гласови“.

Професорот Брашњиќ на македонската јавност ѝ е познат како ментор и откривач на талентираниот Ајдин Османовиќ кој минатата година ја зарази македонската публика на социјалните мрежи со својот неверојатен глас и брилијантна изведба на македонски народни песни и кој веднаш потоа одржа два концерти во Крива Паланка и беше примен кај македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Професорот Брашњиќ доби бројни пофалби од своите колеги музичари од целиот свет кои беа присутни на фестивалот за неговата стручност и посветеност на својата професија и тоа што Ајдин Османовиќ е во сигурни раце во моделирањето на неговата иднина како музичар.

„Нашата цел како кадар вработен во образованието е да да дадеме сѐ што е во наша моќ, нашите талентирани ученици да станат подобри од нас и да ја продолжат традицијата во издигнување на најдобрите и предавање на тоа знаење на идните генерации. Притоа, важно е да останат приземјени и да ја ценат човечноста и да одговорат на потребите од општеството со хуман пристап“, рече професорот Брашњиќ.

Втората вечер е посветена на турската песна, односно земјите учеснички изведуваат песни само на турски јазик. Вкупно 13 земји учествуваа со свои претставници (интерпретатори), а Ајдин Османовиќ ја претставуваше Босна и Херцеговина и го освои третото место на фестивалот со изведба на познатата турска песна „Слушнав дека си ранет без мене“ (Duydum ki bensiz yarali gibisin). Тој воедно е единствениот учесник на овој фестивал кој доаѓа да пее во финалната вечер без да го познава турскиот јазик, што значи Ајдин само пее на турски за разлика од другите учесници кои пеат и зборуваат турски бидејќи го изучуваат јазикот на некој од турските колеџи.

Според стручното жири за изведба/интерпретација на турска песна победи Албанија, односно претставничката Блетиса Карај, второто место го поделија Романија и Казакстан, односно Магда Марија Калуиану и Маргулан Ерикан и третото место, го освои Ајдин Османовиќ од Босна.

„Освоената награда, односно третото место дадено за Ајдин Османовиќ од стручното жири за изведба на турска песна е голем ветер во грб за Ајдин што за толку кратко време и на негова возраст е забележан на меѓународно ниво за неговите квалитети и претставува поттик и мотивација за нашата понатамошна работа“, изјави професорот Јасмин Брашњиќ, непосредно по прогласувањето на победниците на фестивалот.

„Ви благодарам на сите кои ме поддржувате и кои бевте со мене изминатиов период. Тоа ми значи многу. Поздрав до сите и се гледаме наскоро во Македонија“, рече Ајдин Османовиќ, детето-славеј на кој се гордее цела Босна, цел Балкан, а наскоро и целиот свет.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ