петок, 26 јули 2024

Ајде да видиме кој колку спроведува од Преспа и кој бил полојален кон ЕУ и НАТО, ѝ вели Мицкоски на Атина

Мандатарот за состав на Владата, Христијан Мицкоски како одговор на новинарско прашање по однос на предупредувањата од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за користење на името на државата според Договорот од Преспа рече дека треба да се анализира која од двете држави колку го почитува и спроведува договорот, но и се наврати на минатото и нагласи дека треба да се види која држава била полојална кон ЕУ и НАТО, наведувајќи го и примерот со НАТО – кампањата врз Србија, кога Македонија дозволи прелет на борбени авиони, додека Грција тоа не го дозволи. Или, како што запраша Мицкоски, што сме добиле од промената на знамето, од употребата на името  ФИРОМ?

Објавено на

часот

Сподели

Мискоцски рее дека како иден премиер е обврзан да ги почитува Уставот и законите, во тој контекст и Преспанскиот договор, кој, како што рече е дел од правниот систем. Тој повика наместо да се става акцент на неговото човеково загарантирано право за употреба на името Македонија, да се стави фокус на подлабока анализа за тоа што Грција исполнила од Договорот.

Откако и формално ќе стане дел од институциите, како што рече, ќе бидат преземени дипломатски активности за аргументација и одбрана на позициите во однос на Преспанскиот договор, но нагласи дека нема да водат провокативна офанзивна политика, да преименуваат автопати, аеородроми, да градат споменици, туку ќе градат мостови, поцврста економија и меѓусебна економска соработка, соработка на полето на туризмот, образованието, културата.

Одговорајќи на новинарско прашање во врска со вчерашниот повик од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис да даде категорична изјава, кога официјално ќе стане премиер дека го почитува Договорот од Преспа, а во спротивно, единствено што може да постигне е „непријатно прво искуство“ на НАТО Самиот на почетокот на јули, Мицкоски, како и вчера, рече дека нема намера да се однесува талибански, но оти и не очекува некој друг да се однесува на тој начин.

„Но, добро е да се аргументираат позициите пред Самитот. Не можете да барате да се почитуваат законите и Уставот, а од друга страна вие да ги кршите.  Како претседател на владата сѐ што е поврзано со нашиот правен систем, уставниот поредок ќе го почитувам до последната точка и запирака и нормално како лојален граѓанин на оваа држава, што всушност сум го правел и во минатото без исклучок“, рече Мицкоски.

„Па ерга омнес ние користиме. Членот седум од Договорот, став 2 и 3 се многу јасни. Што значи кога едната и другата страна го употребуваат терминот Македонија и македонски, членот 1 од истиот Договор. Јас повторно би сакал да ги замолам медиумите овде во Македонија малку повеќе да посветат внимание на анализа на тоа што нашиот јужен сосед има исполнето од Договорот, а помалку да биде провокација моето човеково загарантирано право со многу конвенции на употреба на терминот Македонија, името на мојата татковина во која што јас сум се родил и придавката македонски. Ајде да видиме што тие направија овие шест години. Ајде да видиме што правеа во минатото. Што требаше ние да добиеме кога во минатото се менуваше знамето, кога се менуваа банкнотите, кога се користеше понижувачкото име, кога се случуваше интервенцијата на НАТО против режимот на Милошевиќ, кој беше лојален сојузник, а кој забрануваше прелети. Што се случуваше кога се менуваше Уставот, еднаш по Охридскиот рамковен договор, вторпат поради тој договор, третпат кога се ставаа пратеници во притвор, кога се вадеа ден спроти гласањето за уставните измени кога се менуваше уставното име. Ајде да зборуваме во поширок контекст“, изјави мандатарот.

За тоа дали можеби ќе испрати протестна нота до Атина поради непочитување на Преспанскиот договор, Мицкоски одговори дека во моментов не се внатре во институциите, но откако ќе влезат ќе преземат дипломатска активност за да ги аргументираат нивните позиции.

„Ќе се браниме. Ние сме подготвени тоа да го поправиме. Нема да водиме провокативна офанзивна политика, немаме намера да преименуваме  автопати, аеородроми, да градиме споменици. Сакаме да градиме мостови, сакаме да градиме поцврста економија, меѓусебна економска соработка, соработка на полето на туризмот, образованието, културата, тука сме, соседите мора да се почитуваат и ќе ги анализираме сите чекори и внимателно ќе влечеме потези. Но истовремено немаме намера да бидеме подлизурковци, да се понижуваме самите себе, а од друга страна да ве ограбуваме вас граѓаните и да се однесуваме како деспоти. Македонија доби влада, која што треба да биде фокусирана на граѓанинот, а владините службеници треба да бидат тука, мислам на мене лично и на министрите, да бидат слуги на народот“, изјави Мицкоски по добивањето на мандатот за состав на нова Влада.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ