понеделник, 24 јуни 2024

АХВ повикува на внимателност поради појавата на птичји грип во светот

По добиените информации од Светската здравствена организација со кои е потврдена првата смрт на човек заразен со поттипот на птичји грип Х5Н2 (H5N2) во Мексико, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ќе продолжи на дневна основа да ја следи состојбата и доколку се процени дека има потреба, ќе преземе соодветни мерки.

Фото: АХВ

Објавено на

часот

Сподели

Како што изјавил за МИА директорот на АХВ, Николче Бабовски, засега е подигнато нивото на внимателност во државата, бидејќи птичјиот грип е вирус кој освен за живината каде предизвикува висока смртност, некои соеви може да бидат сериозна опасност и за луѓето.

Последен случај на птичји грип во земјава кај питомата популација живина е регистриран во 2017 година во струшкото село Мороишта, а во 2022 година во виничкото село Градец каде од оваа болест угинаа неколку птици кои се чувале како миленици – пауни, патки и фазани.

„Останува апелот до одгледувачите на живина, до ветеринарните друштва и до официјалните ветеринари, да ја пријават секоја зголемена смртност кај живината во одгледувалиштата или за угинати птици преселници. Заради спречување на ширење на вирусот на птичји грип, следејќи ја на дневна основа состојбата со оваа болест во регионот и светот, носиме решенија за забрана за увоз на живи животни и производи и нус производи од живина од земјите и регионите каде е потврдено присуството на оваа болест. Спроведуваме и активности за надзор на авијарната инфлуенца преку земање примероци крв и брисеви од живина и диви птици за утврдување на евентуално присуство на птичји грип“, нагласува Бабовски.

Тој потсетува дека болеста најчесто се шири преку птиците преселници кои се сметаат за нејзин резервоар и од неа првенствено заболуваат птиците.

„Апелираме до одгледувачите на живина да преземаат превентивни мерки за намалување на ризикот од појава или пренесување на оваа болест во јатата, особено во периодите на активност (преселба) на дивите птици. Препорака е живината да се држи подалеку од области кои се посетувани од диви птици, да се контролира пристапот до одгледувалиштата на живина на луѓе и опрема, да се отстранат предмети од одгледувалиштето кои може да привлечат диви птици, одржување на хигиена на имотот, објектите каде се држи живината и опремата, да не се внесува живина/ птици од непознат статус на болеста во јатото/ на одгледувалиштето, да се води евиденција за болни и угинати птици, соодветно да се отстранува ѓубрето и угинатата живина“, вели директорот на Агенцијата.

Од авијарна инфлуенца најчесто заболуваат кокошките и мисирките, додека кај патките и гуските се развиваат само благи симптоми на болеста. Дивите птици, особено дивите патки, можат природно да бидат отпорни и да не покажуваат клинички знаци на болеста. Птиците кои не покажуваат знаци на болеста може да го носат вирусот и се опасност од негово ширење кај живината.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ