Од АХВ денеска во соопштение потенцираа дека активностите кои ќе бидат преземени се исклучиво во рамки на предвидените за реализација на симулациската вежба, односно, не станува збор за реална ситуација и појава на жариште на болеста чума кај малите преживари.
На вежбата ќе присуствуваат претставници од АХВ, од Ветеринарната комора на РСМ, од Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, експерти од Европската унија како и претставници од Сојузот на здруженија на одгледувачи на овци „Модерен овчар”.
Првиот дел од симулациската вежба (теоретско – практичен) ќе се спроведе на 25 и 27 март (вторник и четврток) на Факултетот за земјоделски науки и храна, додека вториот дел (теренски) ќе се реализира на 26 март (среда) во село Брњарци, општина Гази Баба.
„По спроведување на вежбата ќе се направи евалуација на подготвеноста на Агенцијата за храна и ветеринарство за одговор при појава на болеста, а ќе се реализираат активности за подобра подготвеност на институциите и засегнатите страни при појава на особено опасни заразни болести како што е болеста чума кај мали преживари“, информира АХВ.