сабота, 27 јули 2024
Прес-конференција на лидерот на Европски фронт

Ахмети: Зошто избори ако македонска партија одлучува кој ќе ги претставува Албанците и другите заедници?

Лидерот на ДУИ и на коалицијата Европски фронт, Али Ахмети, денеска на прес-конференција во седиштетото во Мала Речица изнесе категорично тврдење дека коалицијата Вреди, како поразена на изборите, со влегувањето во влада на ВМРО-ДПМНЕ го погази  принципот за поседување легитимитет кај Албанците и урна дел од принципите на Охридскиот договор. Ахмети рече дека легитимитетот добиен од Албанците и другите заедници не го почитува ВМРО-ДПМНЕ и го постави прашањето: „Зошто тогаш има избори ако македонска партија одлучува кој ќе ги претставува Албанците и другите заедници во власта“?

Објавено на

часот

Сподели

Ахмети нагласи дека иако стана евидентно дека Европскиот фронт е втора политичка сила во земјата, со сила, како што нагласи, македонските партии здружено направија  изборен инжинеринг за одземање на еден пратеник само за да се помести подолу реалниот рејтинг.

Ахмети нагласи дека Европскиот фронт и албанската опозиција – Вреди, во декември лани и јануари годинава заеднички се договориле и потпишале декларација за невлегување во владино партнерство без уставни промени и гаранција за европскоиот пат. Тоа, рече, не е испочитувано и потоа се наврати на изборите и изборот на ВМРО-ДПМНЕ да владее со, како што рече, поразената опозиција „по сите основи“.

„Сите резултати го говорат тоа. Ние на 8 мај добивме 19 пратеници, албанската опозиција 13 пратеници. И во апсолутен број на гласови опозицијата е поразена. На претседателските избори ги победивме со разлика од 40.000 гласови, додека на парламентарните со над 31.000 гласови и со 6 пратеници повеќе. Поразени се во две третини од општините, ние победивме во 20 општини каде гласаа Албанци и други заедници, тие во само шест општини. Го немаат легитимитетот од суверениот, од граѓанинот, но одеа подалеку и ја игнорираат волјата на народот, го игнорираат Охридскиот договор. Не покажаа трошка почит кон гласачите, кон тие што гласаа за квалитативни промени во нашата држава“, рече Ахмети.

Тој додаде дека добивал прашања од граѓаните кое е тогаш значењето на демократијата.

„И навистина е така, ако во земјава мнозинската заедница определува кој ќе ги претставува Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и другите заедници, тогаш кава е таа демократија? Зошто овие етнички заедници треба да се организираат во политички партии и да учествуваат на избори за да го добијат легитимитетот на нивните сонародници ако сепак, без разлика на волјата изразена од нашите заедници, најголемата македонска партија одлучува кој ќе владее со нив без оглед на резулатите и волјата на граѓаните?“, гласно го постави прашањето лидерот на ДУИ.

Според Ахмети, новата политичка практика да се одбира „вазалот“, „нè враќа во времето пред повеќе од две децении кога заедниците беа дискриминирани, третирани како граѓани од втор ред и кога не се почитуваше волјата на демократскиот глас на заедниците, туку други одлучуваа наместо нас“.

„Затоа, ние заедно ја започнуваме битката за почитување на духот на Охридскиот договор, кој се заснова на легитимноста и обичајното право на застапување од страна на оние кои го имаат легитимитетот на заедниците. Кога се почитува духот на Охридскиот договор, општеството напредува и сите заедно сме еднакви граѓани.
Кога не се почитува духот на Охридскиот договор, се враќаме во други системи и времиња кои колективно сме ги напуштиле. Затоа, непочитувањето на легитимитетот е понижување за Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и другите. Ова понижување, за жал, го овозможуваат некои кои потпишаа заедничка изјава со нас, кои неколку пати јавно изјавија дека доколку загубат со еден глас и еден пратеник помалку, ќе се повлечат, но од ситни лични амбиции или други непознати причини пред пошироката јавност и со голема омраза кон нас, потклекнаа и овозможуваат воспоставување на етничка хегемонија“, нагласи лидерот на Европски фронт.

Тој додаде дека Европскиот фронт нема да дозволи мајоризација и ги поивика  граѓаните да се приклучат на напорите за заштита на гласот на избирачите, на легитимитетот и духот на Охридскиот договор, но и на Договорите од Преспа и за добрососедство, за европската иднина.

„Вашиот глас не смее да биде небитен и ние сме тука заедно да ја предводиме вашата победа и да ја спроведеме вашата победничка волја. Ценевме дека овие прашања се надминати и дека се развивме како општество со взаемно почитување на волјата на едни со други за доброто на заедничкото општество. Но, очигледно е задача на нашата генерација, заедно да не дозволиме поништување на достигнувањата и да спречиме повторување на непочитување на политичката волја и легитимитет на суверенот“, рече Ахмети.

На новинарско прашање какви мерки и активности ќе бидат преземени, Ахмети истакна дека во наредните денови јавноста ќе биде известена по консултациите што ќе ги направи со сите претседатели на партиите од коалицијата.

Новинарите го прашаа дали ДУИ пред осум години го прекрши Охридскиот договор со коалицирањето со СДСМ иако таа партија имаше помал број пратеници во однос на ВМРО-ДПМНЕ.

„Одговорноста за државно организирање ја сноси мандатарот. ДУИ во тоа време и овој случај, со Европскиот фронт, не е мандатар, но е победник во гласачкото тело на Албанците и другите етнички заедници. Одговорноста за стабилноста, добри меѓуетнички односи, политички процеси, за важни процеси во кои ние се наоѓаме како во однос со соседите така и во однос со Брисел одговорноста ја сноси мандатарот“, рече лидерот на ДУИ.

На друго прашање Ахмети одговори дека борбата не е заради власт, туку заради почитување на принципите и Охридскиот договорор, заради стабилност и мир во државата.

„Колку ова што сега го гледаме е во служба намеѓуетничките односи? Не заборавајте дека ВМРО целата кампања ја водеше против Албанците, и тоа не само сега, туку полни осум години. И ова не се заборава“, нагласи лидерот на ДУИ и на Европскиот фронт, Али Ахмети.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ