петок, 26 јули 2024

Европскиот фронт на Ахмети ќе го гласа законот на Мицкоски и ќе се следи правичната застапеност

ВМРО-ДПМНЕ вечерва соопшти дека е постигнат договор за поддршка на измените на Законот за организација на работата на органите на државната управа со Европскиот фронт. Пратениците од коалицијата предводена од ДУИ, како што стои во соопштението и на ДУИ, ќе гласаат за измените. Договорено е да се следи правичната застапеност во државните органи и служби.

Фото: Архива - средба во 2021 година во Собранието

Објавено на

часот

Сподели

На средбата, како што е соопштено, било ло договорено и во догледно време да се формира ад хок комисија со претседател, предлог на опозицијата, која ќе ја следи правичната застапеност на сите етнички заедници во органите на државната управа и за својата работа два пати годишно да го информира Собранието.

Како што информира ВМРО-ДПМНЕ, по консултациите и постигнатиот договор меѓу пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и пратеничките групи на коалицијата Вреди и партијата ЗНАМ, денеска се одржала средба и со коалицијата Европскиот фронт. На средбата присуствувале Александар Николоски, Владо Мисајловски, Никола Мицевски и Стефан Андоновски, а од коалицијата Европски Фронт беа присутни Мендух Тачи, Блерим Беџети, Фатон Ахмети, Елми Азири.

„На средбата се разговараше за предложените измени на Законот за организација на работата на органите на државната управа при што од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа образложени измените на законот којшто треба да донесе поголема ефикасност, транспарентност и реформи, како и рационализација. Законот е работен со поддршка на меѓународните партнери на државата и е дел од ИПА програмата на Европската Унија. Претставниците на коалицијата Европски Фронт изразија поддршка за измените на законот и информираа дека ќе гласаат за усвојување на законот“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ и Европскиот фронт.

На средбата, како што се наведува, се разговарало и за меѓусебниот дијалог помеѓу власта и опозицијата при што било прифатено барањето на коалицијата Европски фронт во догледно време Собранието да формира ад хок комисија со претседател на предлог на опозицијата, којашто ќе ја следи правичната застапеност на сите етнички заедници во органите на државната управа и за својата работа два пати годишно ќе го информира Собранието.

Инаку, седницата на која треба да се расправа и донесе законот со кој владата од 20 ќе добие 24 министерства, а ќе има спојување на државни органи и служби, ќе продолжи по полноќ, откако брзо доби виза од Законодавно правната и Комисијата за политички систем.

Имајќи предвид дека СДСМ и Левица, барем според досегашните дискусии, ќе бидат против, со гласовите од Европски фронт, системскиот закон кој синоќа, малку пред полноќ, го поднесе мандатарот и пратеник, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе го добие потребното двотретинско мнозинство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ