среда, 1 јануари 2025

Ахмети смета дека Груби не побегнал, Мицкоски потсетува дека Артан е на „црна листа“ поради криминал и корупција

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, ја коментираше ситуацијата со бегството на поранешниот вицепремиер во Владата , Артан Груби, кој се наоѓа на црната листа на САД за корупција, а против кого е распишана и меѓународна потерница.

Објавено на

часот

Сподели

Тој изјави дека Груби се наоѓа на албански простор, но без да даде конкретни информации за неговата локација. Ахмети додаде дека, сепак, правдата не треба да биде селективна и одмаздничка, нагласувајќи дека ДУИ е против употреба на навреди и клевети за политички цели, пренесоа повеќе медиуми од Косово и Албанија.

„Не сум го сретнал Груби. Тој е добро. Секако дека е на албански простор, тоа е процес кој мора да има епилог. Тој не избега од Македонија, подготвен е да се појави пред органите на правдата, да ги почитува законите, но не и кога има одмаздничката и селективна правда. Ние сме против селективна правда и употреба на навреди и клевети во дневнополитички цели. Подготвени сме да одговориме во секој момент и побаравме да се направи ветинг во државата и да се отворат сите политички партии, да биде спроведена истрага за сите функционери“, рече Ахмети.

Груби е обвинет за проневера во Државна лотарија. Меѓу осомничените во овој коруптивен случај е и поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами, а штетата се проценува на речиси 8,2 милиони евра. МВР за случајот поднесе кривична и за поранешниот премиер, Димитар Ковачевски, но засега тој не е опфатен со истрагата.

Првиот вицепремиер, Изет Меџити, минатата недела истакна дека Груби не е во Косово, туку во Албанија.

Во конктекст на бегството на Артан Груби, и однесувањето на ДУИ поврзано со тој случај, премиерот Мицкоски цени дека оваа партија треба да сфати дека Груби е ставен на црната листа на санкции на САД, поради корупција и криминал.

„Бидејќи ирелевантно и тотално е неважно што ВМРО-ДПМНЕ мисли, ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија којашто си има свој став, и разбирам дека можеби за нив е тоа ирелевантно. Но треба да бидат свесни дека ставањето на Груби на листата на санкции на САД, поради причини кои се тесно поврзани со криминал и корупција, автоматски подразбира дека целокупната нивна структура е контаминирана со криминал и корупција во очите на нашите стратешки партнери“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски истакна дека денешната политичка и јавна перцепција за ДУИ, како во Македонија така и кај стратешките партнери на Македонија, е сосема различна од она што било во минатото. Според Мицкоски, стратегијата на ДУИ е погрешна, а перцепцијата на јавноста за партијата е драстично изменета во споредба со минатото.

„Мислам дека ДУИ е политичка партија којашто во моментот претставува опасна закана и претставува радикален милитанен елемент, не само овде кај нас во Македонија, туку и регионално“, изјави Мицкоски, додавајќи дека тие не се свесни дека времињата се драстично променети и дека нивната стратегија од пред 17-18 години повеќе не е применлива во денешниот контекст.

Мицкоски додава дека ДУИ, наместо да направи кадровски и програмски рез, обидувајќи се да се ослободи од контаминираните елементи и да понуди нова програма, продолжува да упатува збунувачки пораки.

Според Мицкоски, ДУИ сè уште не се откажала од своите стари тактики, вклучително и обидите да се оправдаат со политички прогон во врска со санкциите на Груби.

Мицкоски додаде дека иако ДУИ има демократско право да води своја политика, но доколку не ги користи демократски инструменти, државата ќе мора да реагира.

„Сè додека некој ги користи демократските инструменти за водење политика и начини, тоа е прифатливо. Првиот момент кога нема да ги користи, тогаш ќе мора државата да реагира“, заклучи Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ