Според нов извештај на Њујорк тајмс, Агенцијата за ефикасност на владата (ДОГЕ) на Илон Маск поделила масовни откази во Националната управа за нуклеарна безбедност (ННСА), сектор на министерството за енергетика кое ги надгледува американските нуклеарни залихи.
Најголемиот проблем настанал кога ДОГЕ во февруари отпуштил повеќе од 300 вработени, за потоа панично да ги враќа кога сфатиле дека меѓу нив има клучни експерти задолжени за безбедноста на нуклеарните залихи. Иако Министерството за енергетика тогаш тврдеше дека се отпуштени помалку од 50 лица и дека главно биле административни работници, Њујорк тајмс открива дека многу повеќе луѓе биле отпуштени.
Првиот бран отпуштања бил спроведен преку доброволни отпремнини, и вклучувал повеќе од 130 експерти.
Американскиот план за модернизација на нуклеарното вооружување вклучува изградба на нови ракетни силоси во повеќе сојузни држави, производство на нови интерконтинентални ракети, како и развој на нови подморници на нуклеарен погон и со нуклеарно оружје.
Овој проект, вреден 20 милиони долари годишно, веќе се соочувал со тешкотии поради недостиг од специјализиран кадар, а сега ќе биде уште потешко да се постигнат целите.
„Намалувањето на бројот на нуклеарни експерти во момент кога САД го менуваат целиот арсенал е глупаво. Уште сега постојат сериозни безбедносни ризици, а намалувањето на бројот на квалификувани експерти само ја зголемува веројатноста за катастрофа“, предупредува Џон Карл Бејкер, заменик директор на Плаушерс фондот.
Меѓу отпуштените има клучни експерти за производство на нуклеарен материјал: Кајл Фаулер, поранешен директор на Канцеларијата за модернизација на стратегиски материјали при ННСА, кој бил задолжен за збогатување ураниум, областа во која САД заостануваат зад Русија, Канада и Казахстан, и Линда Кордеро, експерт за модернизација на производството на плутониумски јадра, клучна компонента на американските нуклеарни боеви глави.
САД планираат да го зголемат производството на плутониумски јадра од сегашното 1 годишно на 30 до 50 годишно, до 2028, но загубата на експертите дополнително ќе го успори овој и онака чувствителен процес.
Последен пат САД произведувале плутониумски јадра во големи количества во погонот Роки Флетс во Колорадо. Фабриката е затворена во 1989, откако ФБИ открил 28 килограми плутониум во вентилациските системи и радиоактивна контаминација толку голема што Гајгеровите бројачи не можеле да ги прочитаат нивоата на радијација.
Поголемиот дел од американската нуклеарна програма зависи од приватни изведувачи, кои ги има околу 60.000. Иако министерството за енергетика тврди дека кастрењата не ги погодиле тие работници, проблемот е што голем број од нивните надгледувачи се отпуштени.
Нуклеарниот сектор веќе се соочува со големи доцнења и надминувања на трошоците: нуклеарната ракетна програма Сентинел е 81 отсто над буџетот, Нортроп Груман, кој ги прави новите интерконтинентални ракети, се соочува со проблеми со безбедноста на работниците – во 2023 година двајца работници починале поради истекување на гас во фабриката во Јута, но компанијата избегнала кривичен прогон.
Иако претседателот Доналд Трамп претходно кажа дека сака денуклеаризација, воено-индустрискиот комплекс на САД тешко дека ќе го сопре производството на нуклеарно оружје бидејќи станува збор за премногу пари и работни места.
Но, дејствувањето на ДОГЕ веќе и онака опасната индустрија ја прави уште поскапа и понебезбедна, заклучува Њујорк тајмс.