Агелер во своето обраќање посочи дека Судскиот совет треба да ги следи препораките на Оценската мисија, бидејќи како што рече, довербата на јавноста во правосудството е шокантно ниска.
„Ќе се согласите дека останува многу пред вас. Извештајот од Оценската мисија на ЕУ е еден вреден патоказ за реструктурирање на Судскиот совет и повторно поставување на неговата улога во рамките на правосудството. Судскиот совет е едно важно оружје во арсеналот што ќе биде потребен за вистинско трансформирање на правосудството, во една институција која што им служи на своите граѓани, која што ги штити невините и ги казнува оние кои што сметаат дека се над законот. Затоа што денес, како што амбасадорот Коп живописно го опиша, довербата на јавноста во правосудството е шокантно ниска“, истакна Агелер.
Судскиот совет, вели Агелер, треба да го следи законот и даде отпор на политичките притисоци, затоа што, вели Северна Македонија има добро изработени закони, како и искусни обвинители и судии.
„Северна Македонија има добро изработени закони, добро опремени институции и искусни обвинители и судии, а повеќето од нив и патувале и имале размени со САД. Па се поставува прашањето како да почнеме да го надополнуваме оној јаз или недостиг на доверба на оние на кои треба да им служиме. Пораката јасна и не се менува. Работете ја работата која што треба да ја работите. Следете го законот, работете за луѓето, дајте отпор на политичките притисоци, заштитете го својот интегритет и прифатете ја транспорентноста. Напорната работа веќе започна и гледаме напредок. Сега дозволете ни да ви помогнаме да стигнете уште понапред на својот пат“, рече Агелер.